26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГласањето е почнато, а кој всушност стои зад манифестацијата „Сајт на Годината„?

Гласањето е почнато, а кој всушност стои зад манифестацијата „Сајт на Годината„?

Гласањето е веќе во тек на www.sajtnagodinata.mk и ќе трае до 4-ти март, а прогласувањето на победниците во сите категории е на 6 март

Изборот на Сајт на годината 2021 се одвива во текот на февруари 2022 година. До пред неколку дена беше активно номинирањето на сајтови, а сега се гласа за најдобар сајт во дваесетина категории. Во исчекување на овогодинешното прогласување на победниците направивме интервју со организаторот на манифестацијата дигиталната маркетинг агенција Медиа Солутионс поточно со Љупчо Ангелов, Менаџер на социјални медиуми во Медиа Солутионс

Кој стои зад изборот Сајт на годината?

Организатор на изборот на Сајт на годината веќе 12 години е дигиталната маркетинг агенција Медиа Солутионс, а зад изборот стојат стотици сајтови кои го збогатиле интернет просторот во Македонија, и илјадници интернет посетители, консументи на содржини и нивни креатори од многу различни аспекти, кои придонеле кон квалитетот на сајтовите и кои гласале низ годините да ги изберат најдобрите.

Која беше идејата за правење на една ваква манифестација и дали сајтовите се стимулирани да учествуваат во изборот? Престиж ли е да се добие титулата Сајт на Годината?

Идејата за организирање на ваква манифестација произлезе од основачите на Медиа Солутионс. Бидејќи Медиа Солутионс е дигитална агенција, таа може да функционира во полн капацитет само во услови на добро развиен интернет простор во Македонија, и добро развиен интернет маркетинг. Целта на оваа манифестација беше преку наградување на најдобрите позитивно да се влијае врз развојот на македонскиот дел од интернетот, и да се подигне на повисоко ниво.

Кои се критериумите за избор и кој се може да учествува? Како оди целиот избор?

Секоја веб страна е уникатна во изгледот, но тоа не е пресудниот елемент. Веб страната треба да е брза и оптимизирана. Навигацијата низ неа треба да биде интуитивна и лесна. Оригиналноста игра огромна улога како и користењето на нови технологии за нејзината изработка. Содржината треба да е корисна и писмена. Што повеќе од овие елементи се опфатени толку страната подобро котира.

Дали се бројат само гласовите од публиката или имате жири комисија?

Даваме ексклузивното право на публиката и посетителите. Сепак тие се оние кои го гледаат и користат финалниот изглед на веб страните. Од секогаш корисниците се најдобриот репер за тоа како е дизајниран продуктот, на изглед, но и во однос на неговата функционалност, заштита, оптимизација и безбедност.

Знаете ли колку нови сајтови никнуваат на годишно ниво во Македонија, и може ли да направите споредба како беше пред 12 години и сега?

Бројот на сајтови кои се креираат на дневно или месечно ниво е голем. Со оглед на тоа што претходните две години поради пандемијата скоро сите компании на некаков начин ги префрлија своите бизниси на интернет, бројот на сајтови е драстично зголемен. Зголемен е и затоа што многу поединци кои претходно не се осмелуваа да започнат свој бизнис или проект сега се осмелија да го направат тоа. Сѐ подостапните CMS системи за изработка на страни придонесоа дури и со многу малку искуство и знаење да се направи солидна веб страна. Заклучокот е дека бројот на веб страни рапидно расте, но прашањето е колку од тие страни се изработени професионално и според висок стандард.

Која е најголемата промена на интернет пазарот во Македонија која можете да ја издвоите?

Како што кажав, префрлањето на бизнисот онлајн е важен акцент во последнава година. Новото пандемско секојдневие наметна нови начини на функционирање и го забрза процесот на дигитализација, а со сето тоа се подигна свесноста за онлајн тргување и направи сериозна промена во однесувањето на интернет корисниците, чијшто број во меѓувреме истотака многу се зголеми. Тоа што до пред некоја година беше незамисливо да се купи или бара на интернет, сега е ставено како прв избор. Со самото тоа што децата почнаа онлајн настава се наметна потреба од дигитално описменување од многу рана возраст и тоа не само со игри туку и информатички содржини и едукација.

Секоја година имате нови категории, кои се новите категории оваа година и зошто се одлучивте за нив?

Оваа година воведовме 4 нови категории. Тоа се: Најпопуларна е-атлета – еСпортот како една од најпопуларните нови професии во светот доведе и во Македонија да се појават професионални играчи од светски ранг, Најпопуларен Јутјубер – најактивните креатори на содржини во моментот имаат прегледи повеќе од било кој друг традиционален медиум, Најпопуларен онлајн/хибриден настан – минатите две години се одржаа повеќе настани кои според обемот и големината надминаа настани во живо и Најдобра автоматизирана алатка/чет бот – најновиот тренд на комуникација со клиенти преку чет ботови кои се доведуваат до таква совршеност што корисниците немаат претстава дека разговараат со алгоритам.

Да се навратиме на претходните години, која манифестација ја паметите како нешто посебно, и дали има некои победници кои можете да ги издвоите ( нешто специфично за нив и сл.)

Победник на првиот Сајт на годината во 2010 беше kajgana.com, сајт кој опстојува и се подобрува низ годините. Минатата година, која беше по сите основи нестандардна, година на тешка пандемија, победи сајт кој не е сајт туку Фејсбук група – Ковид19 искуства и совети, која одигра незаменлива улога во првата година од пандемијата, преку здружување, вмрежување и меѓусебна помош на нејзините членови и одреден број на лекари.

Како го гарантирате фер натпреварувањето на оваа манифестација?

Секој корисник мора да гласа со уникатна мејл адреса. Секако дека големината на медиумот има огромна улога во тоа колку корисници ќе гласаат, и лобирањето на сајтовите кај своите читатели да гласаат игра голема улога при освојувањето на местата, вклучително и на најпрестижната награда Сајт на годината 2021.

Какви се плановите за во иднина? Може ли та манифестација да прерасне во престижен настан како Оскари на пример?

Манифестацијата е еден вид оскари за веб сајтови. „Гламурот“, ако може така да се нарече, кој успеавме да го постигнеме пред пандемијата беше на завидно ниво и за многу попопуларни манифестации. Низ текот на годините имавме видни личности кои беа дел од доделувањето. Луѓе како тогашните Претседатели на државата, министри, заменици министри, Претседателот на ИАБ Европа ја поддржаа и препознаа оваа манифестацијата како сериозен акцелератор за подигнување на квалитетот на веб страните и веб културата во Македонија.

И на крајот сакам да ги повикам интернет посетителите од Македонија, кои се денес практично сите граѓани на државата, да го дадат својот глас за своите омилени сајтови и преку тоа да придонесат кон подобар, поубав, поквалитетен, понепристрасен, поедукативен и позабавен интернет во Македонија.

Гласањето е веќе во тек на www.sajtnagodinata.mk и ќе трае до 4-ти март, а прогласувањето на победниците во сите категории е на 6 март.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП