19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕкстремно зголемување на бројот на луѓе кои се на работ на егзистенција

Екстремно зголемување на бројот на луѓе кои се на работ на егзистенција

Поради екстремниот пораст на бројот на сиромашни луѓе во светот, Обединетите нации повикуваат на итни, значително повисоки инвестиции во вработувањето, одржливиот и социјалниот инклузивен развој, укажувајќи на огромниот раст на нееднаквоста.

Во извештајот се наведува дека само од март до декември 2020-та година, богатството на светските милијардери се зголемило за 3.900 милијарди долари, додека бројот на екстремно сиромашни луѓе се зголемил за најмалку 119 милиони.

По тој повод, Меѓународната организација на трудот (МОТ) ќе биде домаќин на мултилатерален глобален форум од 22-ри до 24-ти февруари, чија цел е да се договорат ефективни сеопфатни одговори на економските и социјалните последици од кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот.

Виртуелниот форум ќе ги собере шефовите на држави и влади, лидерите на меѓународни организации и мултилатерални развојни банки, како и лидери на работодавачи и синдикати од целиот свет.

Темите на форумот ќе бидат конкретни акции и ефективни институционални аранжмани за подобрување на одговорот на меѓународната заедница на разорните ефекти од пандемијата и растечките економски нееднаквости помеѓу и внатре во земјите.

Клучна тема ќе биде повикот на Обединетите нации за глобална промоција на вработувањето и социјалната заштита за правична транзиција, кој беше претставен на Генералното собрание на ОН на крајот на септември минатата година.

ОН иницираа нова платформа „Глобален акцелератор за вработување и социјална заштита“ со цел да се отворат 400 милиони нови работни места во светот и да се опфатат четири милијарди луѓе кои денес се незаштитени.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш повика на забрзана акција во областа на вработувањето и социјалната заштита за да се избегне нерамномерно глобално закрепнување и да се спречат некои идни кризи слични на пандемијата. Тој предупреди дека длабоко нееднаквото закрепнување ќе ја поткопа довербата и солидарноста и ќе го направи светот поранлив на идни кризи, вклучително и ефектите од климатските промени.

Се проценува дека поради пандемијата во 2021-ва година имало 75 милиони работни места помалку отколку пред кризата, додека за оваа година се предвидува недостиг од 23 милиони работни места со полно работно време.

Посочувајќи дека ниту една напредна економија не постигнала економски и социјален напредок без инвестирање во системи за социјална заштита и квалитетни јавни услуги за луѓето во нивниот секојдневен живот, генералниот секретар на ОН повика на итни инвестиции во закрепнување врз основа на зголемување на вработеноста, одржлив и социјално инклузивен развој.

„Јавниот и приватниот сектор треба значително да ги зголемат таквите инвестиции за да го вратат светот на вистинскиот пат за постигнување на целите за одржлив развој“, рече Гутереш.

ОН проценуваат дека најмалку 982 милијарди долари треба да се обезбедат преку фискалната политика за да се одговори на непосредните шокови на пазарот на труд поради кризата и да се поддржи фер транзиција. Треба да се обезбедат уште 1,2 трилиони долари годишно за најниско ниво на социјална заштита во земјите со низок и среден приход.

На овој начин, човештвото ќе биде подобро подготвено да се соочи со зголемените ризици од климатските промени и деградацијата на животната средина, кои би можеле да загрозат 1,2 милијарди работни места, што претставува 40 отсто од глобалната работна сила.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП