Пазарната вредност на биткоините кои се во сопственост на компанијата „Тесла“ изнесуваше 1,99 милијарди долари на 31 декември минатата година, се открива во годишниот поднесок на производителот на електрични возила поднесен до Американската комисија за хартии од вредност (SEC).
Според податоците од поднесокот, „Тесла“ минатата година забележала загуба од приближно 101 милион долари поради девалвација на оваа дигитална валута како резултат на промените на вредноста на биткоинот, но и профит од 128 милиони долари од продажба на одреден дел на биткоини.
Компанијата неколку месеци ја прифаќаше оваа криптовалута како средство за плаќање за купување на некои од нејзините производи, но се откажа од неа поради еколошки грижи, бидејќи ископувањето биткоини троши огромна количина електрична енергија која сè уште главно се произведува од фосилни горива, што ги зголемува емисиите на стакленички гасови.
Во првиот квартал од 2021 година, Тесла инвестираше вкупно 1,5 милијарди долари во купување биткоини. Во датумот на поднесување не беа наведени датумите на купување, но во тој период цената на оваа дигитална валута флуктуираше помеѓу 29.405 долари на почетокот на јануари и 61.177 долари во средината на март. На последниот ден од минатата година, цената на биткоинот се движеше помеѓу 45.700 и 48.500 долари.
Според базата на податоци на криптоаналитичарската компанија KoinGeko, „Тесла“ поседува 48.000 биткоини.
„Тесла“ е втора во корпоративниот свет по количината на биткоини со кои располага, а првото место го држи производителот на деловен софтвер MicroStrategy со седиште во Вирџинија, кој поседува повеќе од 121.000 биткоини во вредност од над пет милијарди долари, според KoinGeko.