24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРезервите на гас во европските складишта драстично опаѓаат

Резервите на гас во европските складишта драстично опаѓаат

Во јануари 2021-ва година, во магацините во Европа имало околу 60 милијарди кубни метри гас, што е стапка на искористеност од 52 отсто. Споредено со истиот период оваа година, обемот на гас падна на 42 милијарди кубни метри, а зафатеноста во јануари беше 37,5 отсто, покажуваат податоците на „Gas Infrastructure Europe“.

Земја со најголемо количество складирано гас во Европа е Италија со 10 милијарди кубни метри (47 отсто), потоа Германија со 8,7 милијарди кубни метри (35 отсто) и Франција со 4,4 милијарди кубни метри (33 отсто).

Кога станува збор за процентот на складирање на гас, лидер е Португалија, чие складирање од 200 милиони кубни метри е 80 отсто, а потоа следи Велика Британија, чие складирање од 750 милиони кубни метри е 75 отсто.

Податоците потврдуваат дека зголемувањето на побарувачката и студената зима се одразиле на намалување на испораките на гас во Европа.

Постудените зимски сезони од очекуваното и зголемената побарувачка за енергија доведоа до поголема употреба на гас. Намалените количества на гас што Русија ги испраќа во Европа преку Украина и намаленото производство во хидроцентралите, исто така, влијаеја на количината на гас во складиштата.

Експертите велат дека може да има дополнителни тешкотии во снабдувањето со гас поради тензиите меѓу Русија и Украина. Европските и американските власти се загрижени дека во случај на војна меѓу двете земји, Русија, која обезбедува 40 отсто од европскиот гас, ќе одговори на санкциите со затворање на вентилот.

Русија ја снабдува Европа со гас или преку долгорочни или еднократни договори со кои се продава одредена количина гас. Од друга страна, се наведува дека Русија има капацитет да испрати 15% повеќе гас во Европа.

Експертите тврдат и дека недостигот на гас е предизвикан од односот на Русија, која сака да покаже дека гасоводот „Северен поток 2“, кој Европа не го сака, е вистинска потреба.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП