24 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГерманија сака да ја намали зависноста од рускиот гас

Германија сака да ја намали зависноста од рускиот гас

Германскиот сојузен министер за економија и заштита на климата Роберт Хабек вели дека земјата сака да ја намали зависноста од рускиот гас.

„Треба да ја подобриме нашата понуда за следната зима“, изјави политичарот на Зелените за новинарите од „Funke Media Group“ и францускиот весник „Ouest-France“.

Геополитичката ситуација, рече тој, ја принудува Германија да „создаде други опции за увоз и да ги диверзифицира залихите, вклучително и инфраструктурни прашања“. Тоа, посочи Хабек, е безбедносна политика.

„Тука мора да дејствуваме и подобро да се заштитиме. Ако не го сториме тоа, ќе станеме пион“, вели министерот.

Ретко кога германските резервоари за природен гас беа во фокусот на јавниот интерес како овие недели. А тоа првенствено е поврзано со можната ескалација на конфликтот меѓу Украина и Русија.

Хабек го критикуваше и фактот дека пазарот на гас е целосно дерегулиран.

„Досега немавме никакво државно влијание. Но така не може да остане“, истакна тој.

Истовремено, Хабек предупреди на последиците од пуштањето во употреба на гасоводот „Северен поток 2“ во Балтичкото Море.

„Геополитички, „Северен поток 2“ не само што ја зголемува зависноста од рускиот гас, туку и се концентрира на рутата за снабдување која е ранлива“, рече германскиот министер за економија и заштита на климата.

„Северен поток 2“ ја зголемува потребата за диверзификација на снабдувањето со гас, нагласи тој, додавајќи: „Последните неколку недели и конфликтот во источна Украина ја зголемија нашата загриженост дека Русија би можела да ги искористи своите испораки со гас и против германските интереси“.

„Ако Русија ја нападне Украина, можни се сите видови санкции со цел да се принуди Русија да се повлече“, рече Хабек.

Тој посочи дека моменталната состојба е неизвесна и дека целта мора да биде деескалација. Во исто време, правилно е што САД и ЕУ се согласуваат: ако Русија ја нападне Украина, ќе плати висока економска цена за тоа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП