17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДали ЕК ќе одлучи да ги прогласи гасот и нуклеарната енергија за...

Дали ЕК ќе одлучи да ги прогласи гасот и нуклеарната енергија за одржливи?

По неколку одложувања, Европската комисија (ЕК) конечно се подготвува да објави дали природниот гас и нуклеарната енергија ќе влезат во зелената таксономија, пишува европското издание „Politico“.

Брисел е под притисок од многу лоби групи за зелената таксономија. Германија и неколку други земји се силно против прогласувањето на гасот и нуклеарната енергија за прифатливи на патот кон зелената трансформација. Од друга страна, пак, е Франција, која инсистира на тоа дека нуклеарната енергија е „домашна“ и со ниска содржина на јаглерод и мора да се искористува во остварување на зелените цели.

Противниците на нуклеарните централи велат дека нивното градење е сè уште бавен и скап потфат, а инвестирањето во такви капацитети може да ги остави зелените алтернативи во втор план. Тие гледаат проблем и во складирањето на нуклеарниот отпад.

„Не се работи за тоа да се каже дека треба да се инвестира во енергијата „X“ или „Y““, рече еврокомесарот за финансии Мереид Мекгинис во интервју за весникот.

„Тоа е прашање на утврдување на условите под кои веруваме дека нуклеарната енергија или природниот гас се прифатливи за транзицијата“, рече таа, додавајќи дека на инвеститорите е да одлучат во која технологија да ги инвестираат своите пари.

Уште на крајот на 2021-ва година, ЕК го испрати планот за зелена таксономија до земјите од заедницата и некои од идеите веќе протекоа во медиумите. Тешко дека ќе има многу промени, иако официјалното објавување на документот е одложено повеќе од еден месец, поради контроверзи околу предлозите.

„Не го препишуваме текстот“, потврди Мекгинис. Според неа, во текот на овие недели се разјаснети деталите и направени се подобрувања во текстот.

Комесарот потврди дека имало „длабински дебати“, но тоа е сосема нормално бидејќи темата е исто така многу важна.

„Се работи за енергетска безбедност, тоа е важно за сите земји во заедницата. Сите беа слушнати, сите слушаа“, рече таа.

Одлуката за зелената таксономија е веројатно една од најважните во оваа година. Сепак, тоа може да доведе до нова сериозна поделба во заедницата.

„Целосно се согласувам дека гасот е фосилно гориво, но тоа е многу подобро отколку да се продолжи да се користи валкан јаглен“, рече Мекгинис како одговор на критиките од еколошките здруженија.

Што се однесува до нуклеарната енергија, таа е без емисија, додаде еврокомесарот, додавајќи дека оние што ја користат ќе мора да се обврзат дека нуклеарниот отпад нема да предизвика сериозни еколошки проблеми.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП