Неодамна, на сајтот на македонската берза банките ги објавија билансите од своето работење за изминатата 2021 година.
Денар направи анализа на работењето на трите најголеми банки во Македонија, Комерцијална банка, НЛБ Банка и Стопанска банка АД Скопје.
Стопанска банка оствари највисока бруто добивка на износ од 2.728.833 илјади денари, потоа следи Комерцијална банка со 2.504.627 илјади денари и НЛБ банка со бруто добивка од 2.445.178 илјади денари.
Комерцијална банка е најголема банка по билансна сума во Македонија со 148.535.412 илади денари, втора е Стопанска банка Скопје со 114.102.699 илјади денари и трета е НЛБ Банка со 107.709.479 илјади денари.
Високата добивка на Стопанска банка произлегува од остварените високи приходи од камата во бруто износ од 4.113.872 илјади денари или нето каматни приходи од 3.844.041 илјади денари во 2021 година. Нето приходите од камати на НЛБ Банка изнесуваат 3.006.184 илјади денари, а на Комерцијална банка 2.454.614 илјади денари.
Зошто приходите на Стопанска банка се поголеми во однос на двете останати банки?
Кога се анализира билансот на состојба на Стопанска банка, се доаѓа до заклучок дека Стопанска банка е банка која најмногу кредитира во нашата земја.
Износот кој Стопанска банка го побарува од кредитокорисниците(физички и правни лица) на 31.12.2021 изнесува 78.037.088 илјади денари или кредитите учествуваат со 68 отсто во структурата на активата на Стопанска банка. Во НЛБ банка кредитите во активата учествуваат со процент од 61 отсто, а во Комерцијална банка со 36 отсто.
Депозитите од комитентите се најголем извор на средства во трите банки и во пасивата на банките учествуваат со најголем процент.
Депозитите во Комерцијална банка учествуваат со 88 проценти во пасивата на банката, во НЛБ банка со 80 отсто, и во Стопанска со 78,5 отсто.
Стопанска банка од депозитите, околу 87 отсто пласира во кредити, НЛБ банка околу 76 отсто и Комерцијална банка 41 отсто.
И бидејки каматните стапки на кредитите се сеуште повисоки од каматните стапки на останатите пласмани на банките, каматните приходи на Стопанска банка се повисоки од каматните приходи на НЛБ Банка и Комерцијална банка.
Секако и ризиците од пласирање во кредити се поголеми, но банките вршат проценка и обезбедување на ризикот, а показател за тоа е сеуште ниското ниво на нефункционални кредити во земјата.