16 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТоплата зима ги спаси сметките на европските потрошувачи во јануари

Топлата зима ги спаси сметките на европските потрошувачи во јануари

Повисоките температури во јануари се покажаа како спас за сметките за енергија на потрошувачите во Европа, пишува „Bloomberg“. Цените на струјата паднаа на најниско ниво во последните три месеци, намалувајќи го притисокот врз домаќинствата.

Во Германија, просечната цена на електричната енергија во сегментот за „претстојниот ден“ достигна 167,73 евра за мегават-час. Ова е најниската цена од октомври, но е повеќе од три пати повисока од просечната цена во јануари 2021-ва година – речиси 53 евра за мегават-час.

Цените во Германија се почетна точка за аналитичарите во енергетскиот сектор. Во Европа цената на струјата целосно зависи од движењето на пазарите на гас, како и од намалените количини гас во складиштата за гас и намалените испораки од Русија.

Вчера (31.01) Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) објави дека испораките на гас од Русија во последните три месеци од 2021-ва година биле за 25 отсто помали на годишна основа. Ограничените количини на гас пред почетокот на грејната сезона во Европа доведоа до рекордни цени на суровините на крајот на 2021-ва година.

Забавувањето на цената на струјата во јануари најмногу се должи на повисоките од вообичаените температури, како и на производството на зелените централи. Прогнозите се дека зимата ќе остане блага во февруари за поголем дел од континентот, а струењето на ветерот ќе биде поволно за производство на електрична енергија.

Кон крајот на минатата недела, Британија објави рекордно производство на електрична енергија од ветерници. Причина за тоа не е само силниот ветер, туку и новите паркови пуштени во употреба во последните месеци. Производството дополнително ќе се зголеми бидејќи најголемата фарма на ветер во светот, која се наоѓа на источниот брег на Англија, е во изградба, пишува „Bloomberg“.

Податоците за Германија покажуваат и пад на долгорочните договори за снабдување. Вчера цената на струјата во сегментот „месец пред нас“ падна за нешто повеќе од 11 отсто на 180,50 евра за мегават-час.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП