На Wall Street во понеделникот цените на акциите нагло пораснаа, втор ден по ред, но јануарските берзански индекси сепак завршија со најголема месечна загуба од март 2020 година.
Dow Jones вчера зајакна за 406 поени, или 1,17 отсто, на 35.131 поени, додека S&P 500 скокна за 1,89 отсто на 4.515 поени, а индексот Nasdaq 3,4 отсто, на 14.239 поени.
Растот на индексите најмногу се должи на корекција на цените на акциите, по остриот пад во последните недели.
И покрај силниот раст во последните два дена, Dow Jones го заврши јануари со загуба од 3,3 отсто, додека S&P 500 потона за 5,3, а Nasdaq индексот за речиси 9 отсто.
За S&P 500 и Nasdaq, тоа беше најголемата месечна загуба од март 2020 година, кога пазарите беа потресени од појава на пандемија на коронавирус.
Ова се должи на прилагодувањето на цените на акциите на идното опкружување во кое Федералните резерви на САД би можеле да ја заострат монетарната политика поагресивно од очекуваното.
По пораките од лидерите на ФЕД минатата недела, се очекува централната банка да ги зголеми клучните каматни стапки во март, за прв пат од декември 2018 година.
Во истиот месец, централната банка би можела да ја прекине својата програма за купување обврзници, а потоа да почне да ги намалува билансите на состојба.
Се проценува дека ФЕД би можел петкратно да ги зголеми каматните стапки оваа година, бидејќи инфлацијата е на највисоко ниво во последните 40 години и сè уште има „чепови“ во синџирите на снабдување кои го поддржуваат растот на цените на суровините.
„Заклучокот е дека каматите ќе треба да растат, а акциите на компаниите кои досега премногу поскапеа ќе се намалат. Како што растат оперативните трошоци, на пример за платите, инвеститорите ќе бараат сектори кои можат подобро да се справат со инфлаторните притисоци. Ќе биде потешко за секторите кои имаат перспектива во иднина, но сега имаат негативен готовински тек“, вели Децио Насименто, директор во Норбери Партнерс.
И додека загубата на монетарниот стимул негативно ќе влијае на пазарот, тоа би можело да биде поддржано со натамошно економско закрепнување.
На пазарот позитивно влијаат и подобрите од очекуваните квартални деловни резултати.
И на повеќето европски берзи цените на акциите вчера пораснаа. Додуша, лондонскиот FTSE индекс падна за 0,02 отсто на 7.464 поени, но франкфуртски DAX порасна за 0,99 отсто на 15.471 поен, а париски CAC 0,48 отсто на 6.999 поени.