28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗамрзнатите цени штетни за бизнисите, загубите достигнуваат и до 300 илјади евра

Замрзнатите цени штетни за бизнисите, загубите достигнуваат и до 300 илјади евра

Пекарската индустрија, е само една од оние чии цени се замрзаа. Но, поради ваквата мерка велат дека трпат сериозни штети, кои изнесуваат и по неколку илјади евра. Иако, бараа Владата да го стопира продолжувањето на ограничувањето, сепак Министертвото за економија, одлучи мерката да важи до крајот на февруари. Од бизнисот пак предупредија,  дека ќе се соочат со тотален колапс.

-Индустриските пекари создадоа загуби поради високите цени на енергенсите. Загубите се преголеми и изнесуваат неиздржливи минуси. Количините произведени и пласирани на пазарот, значително се намалени. Месечните загуби во овие два месеци, изнесуваат од 40.000 кај најмалите, па се до 300.000 евра кај најголемиот индустриски производител, во зависност од енергенсот што го користат. Оваа ситуација е неиздржлива или ситуација која ќе доведе до затворање на компаниите, вели за “Денар”, Горан Малишиќ, претседател на Здружението на мелничко- пекарската индустрија.

Вели, поголеми штети трпат поголемите производители, кои покриваат и до 80 проценти од  потребите за леб.

Исто така, дополнителен проблем за бизнисот е и мерката недела неработен ден, која стапи на сила од први јануари. Велат, избрзана е и во целост се коси со правилата и слободата на трговијата.

-Никој не е против да му даде, а и пред законот работникот добивал слободен ден и зголемена дневница. Со ова, во многу индустрии се пореметија процесите на функцинирање и се создава штета и намалување на продажбата. Во пекарската индустрија се создаде штета која изнесува од 10 до 15 проценти, принудно намалување на продажбата и тоа дирекно ќе влијае на крајните годишни резултати на компаниите. Односно, законот за недела неработен ден, дирекно влијае на добивките на фирмите, кои треба да ги приложат и прикажат кај нивните банки, кои ги кредитираат. Со самото тоа, банкарите ќе ги класифицираат во негатива. Исто така, повеќе работници сакаат да работат во недела за зголемена дневница. Затоа, сметам дека законот мора да се укине во делот на неработењето, а да остане делот со дневницата, додава Малишиќ.

Инаку, на само неколку дена пред да истече одлуката за замрзнување на цените на основните производи, Министерството за економија донесе одлука, ограничувањето да продолжи до 28 февруари. Одлуката е веќе доставена и до Владата. Тоа значи дека до крајот на идниот месец, лебот, млекото, брашното, шеќерот, месото, сирењето, урдата, тестенините, јајцата, оризот, ќе се продаваат по иста цена. На крајот на минатата година, Владата одлучи да ги замрзне овие цени, поради тоа што статистика регистрираше раст на цените на производите. Поскапувањето главно е последица на зголемувањето на цените на енергенсите на светските берзи, особено на струјата. Поради ваквите движења на енергенсите , фирмите се пожалија на високи сметки на струја. Од друга страна, стабилизација на цените на берзите, се очекува да има дури по втората половина од оваа година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП