2 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПочина маестро Александар Џамбазов

Почина маестро Александар Џамбазов

Денеска во Скопје на 85 годишна возраст почина диригентот и композитор Александар Џамбазов, објави Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ).

„Сојузот на композиторите на Македонија со огромно жалење соопштува дека денес почина истакнатиот македонски композитор, диригент и долгогодишен член на СОКОМ, маестро Александар Џамбазов (03.02.1936-25.01.2022)“, се наведува во објавата.

Маестро Џамбазов ќе остане запаметен како втемелувач на македонската детска и популарна музика со голем број на изведени, снимени, печатени и наградени дела во земјата и странство, истакнат општествен деец во целокупната музичка култура, за што е добитник на над 40 стручни и општествени награди и признанија во Македонија и во поранешна Југославија.

Добитник е на државната награда „11 Октомври“ и на наградата на град Скопје „13 Ноември”. Маестро Александар Џамбазов е еден од основоположниците на Танцовиот и Ревискиот оркестар на Македонската Радио Телевизија, на фестивалот на забавни мелодии „Скопје“ и на најпознатиот, најафирмиран и еден од најстарите детски фестивали во Европа „Златно славејче“.

Неговиот исклучителен придонес е и во музичкото исполнителство како диригент со над 40-годишен непрекинат и континуиран работен стаж и како несебичен пропагатор на опусот на македонските композитори од овој жанр, се вели во објавата на СОКОМ.

„Си замина нашиот маестро, тивко и нечујно како што живееше во последните 25 години. Од денес, конечно со својата Анче. Вечен нека ни е споменот на тебе, маестро мој“, напиша неговиот син, актерот Игор Џамбазов на социјалните мрежи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП