Ова дојде по големиот пад во четвртокот навечер, кога некои од најсилните криптовалути изгубија повеќе од 10 отсто од својата вредност, проследено со делумна стабилизација во петокот.
Имено, биткоинот во еден момент падна на 34.350 долари, според платформата Coinmarketcap, што е речиси половина од максималната вредност што ја достигна во ноември минатата година кога се тргуваше за над 68.000 долари.
Падот „избриша“ повеќе од 600 милијарди долари во пазарната вредност на биткоинот, додека повеќе од 1 трилион долари „исчезнаа“ од целиот крипто-пазар, пренесува Блумберг.
Една од причините за остриот пад на вредноста на криптовалутите е најавата на администрацијата на Соединетите држави дека првичната владина стратегија за дигитални средства може да биде објавена следниот месец и дека од федералните агенции ќе биде побарано да ги проценат ризиците и можностите кои тие ги претставуваат.
Некои аналитичари очекуваат дополнителен пад на криптовалутите, па има предвидувања дека по евентуален пад на вредноста до 30.000 долари, може да дојде до драстичен колапс на биткоинот, чија цена може да падне до 10.000 долари.
Во последните 24 часа најпознатата криптовалута изгуби повеќе од шест отсто од својата вредност, додека во изминатата недела цената се намали за 16 отсто.
Моменталната цена на биткоинот е околу 35.900 долари, а пазарната капитализација е нешто помала од 683 милијарди долари.
Етерумот, втората најголема криптовалута по пазарна капитализација, потона за речиси 10 отсто за 24 часа, на 2.490 долари. Падот во изминатата недела изнесуваше околу 24 отсто, а пазарната капитализација е на ниво од 299 милијарди долари.
Сите други водечки дигитални валути се „во црвено“, па загуби во изминатите 24 часа забележаа солана (14,70 отсто), БНБ (11 отсто) и кардано (8,17 отсто). Полкадот загуби 13,74 отсто од вредноста, а тера загуби 13,29 отсто.