25 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИКоњановски: 128 милиони евра поддршка за производството на млеко

Коњановски: 128 милиони евра поддршка за производството на млеко

mleko

По околу една милијарда денари годишно или вкупно 128 милиони евра за период од осум години ќе вложува државата во сточарството и млекопроизводството.

Ова, како што соопшти денеска заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски по посетата на млекарницата „Здравје Радово“ во општина Босилово, е дефинирано во Стратегијата за подобрување и следење на квалитетот на млекото за периодот 2013-2020 година што ја усвои Владата со цел интензивирање на развојот и зајакнување на примарното млекопроизводство, подобрување на квалитетот на суровото млеко и зголемување на конкурентноста на секторот.

– Стратегијата е прв стратегиски документ од оваа област, фундамент за натамошно градење на политиките во секторот млеко. Мерките што ги содржи се насочени кон зголемување на неговата домашна и меѓународна конкурентност, интензивирање на развојот на примарното производство, подобрување на квалитетот на суровото млеко, приспособување на учесниците во синџирот кон пазарната реалност, согледување на потребата за поцврста заемна организираност и поврзаност, како и градење дополнителна вредност на македонското млеко преку квалитетни и специјализирани производи, истакна Коњановски.

За клучните мерки, напомена, е предвидена конкретна финансиска поддршка, 7,2 милијарди денари за интензивирање на развојот на примарното млекопроизводство, 685 милиони денари за приспособување и модернизација на преработувачката индустрија за исполнување на стандардите на ЕУ и 10,4 милиони денари за интеграција на секторот и воспоставување единствена база на податоци на потсекторот за млеко.

Ќе се инвестира во подобрување на квалитетот на сточниот фонд со нови раси говеда, овци и кози, како и во едукација на фармерите со цел производство на квалитетно млеко кое единствено ќе биде параметар за добивање субвенции.

– Со посебни подпрограми  ќе го помогнеме и технолошкиот развој на млекарниците и млекопреработувачките капацитети за да ги постигнеме европските и светските стандарди. Ќе профункционираат и две нови лаборатории во Штип и Битола каде независно ќе се контролира квалитетот на млекото и млечните производи, подвлече заменик министерот.

Стратегијата е резултат на соработката меѓу државните институции, науката, бизнис заедницата, земјоделските здруженија и преработувачите. За нејзино имплементирање во наредните 8 години се планирани 8 милијарди денари или 128 милиони евра. Средствата ќе се обезбедат од годишните програми за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и ИПАРД, преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

– Министерството и Владата секогаш се отворени за комуникација и соработка со сите инволвирани во овој сектор. Секоја мерка ја креираме во дијалог со сите страни од земјоделството, партнерски и заеднички, бидејќи тоа е начинот на нашата работа, заедно со земјоделците, бизнисот и локалната самоуправа да ги градиме мерките и идните наши чекори, нагласи Коњановски.

Според  директорот  на „Здравје Радово“ Јован Дабески, Стратегијата отвора нови можности за развој на кооперативните односи меѓу производителите и преработувачите.

– Во подготовката на овој значаен документ од областа на млекопреработката учествувавме од самиот почеток и горди сме што во наредниот период имаме јасно зацртани цели. Со подобар квалитет на млекото во примарното производство ќе се подобри и квалитетот на нашите производи кои веќе стануваат препознатливи и барани и на странските пазари, изјави Дабески.

„Здравје Радово“ дневно преработува над 100 илјади литри млеко откупено од фармерите во Источна Македонија и Битолско.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП