Новата бугарска центристичка влада е решена да ја внесе Бугарија во еврозоната во 2024 година, изјави денеска министерот за финансии на земјата, Асен Василев.
„Уште еднаш како цел потврдивме дека Бугарија ќе го воведе еврото од 1 јануари 2024 година. Целата работа ја работиме во техничка смисла. Се оди прилично добро, така што сметаме дека нема да има проблеми“, рече Василев во интервју за Ројтерс.
Тој додаде дека е „прилично сигурен“ за утврдениот датум за влез на Бугарија во еврозоната.
За потсетување, бугарските власти и претходно изјавија дека нема да се откажат од воведувањето на еврото.
Сепак, поддршката за влез на Бугарите во еврозоната е нестабилна, бидејќи околу половина од граѓаните веруваат дека тоа би имало негативни последици, а повеќе од три четвртини се загрижени за можните шпекулативни зголемувања на цените, според јулскиот национален барометар.