24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕден куп документи се потребни за сметката за струја да се намали...

Еден куп документи се потребни за сметката за струја да се намали за 800 денари!

Домаќинства со вкупни примања до 500 евра имаат можност да аплицираат во Министерството за економија за субвенција за сметките за електрична енергија. Владата го објави моделот со кој ќе им помогне на граѓаните со пониски примања. Наместо да добиваат средства на нивата сметка, месечниот трошок за струја ќе им биде намален до 800 денари. Колку граѓани ќе се пријават и дали оваа мерка вистински ќе им помогне на граѓаните ќе покаже времето.

Со 60 милиони денари владата реши да им помогне на граѓаните со ниски примања во делот на подмирувањето на сметките за електрична енергија. Министерството за економија преку јавен оглас ги повикува сите граѓани, односно домаќинствата со пониски примања да аплицираат за државна помош за електрична енергија. Според текстот на огласот, доделувањето на финансиска поддршка е за лицата со ниски примања чии редовни месечни примања во домаќинството не го надминуваат нето приходот од 30.000 денари и тоа за: самец до 15.194 денари, домаќинство со два члена до 18.000 денари, домаќинство со три члена до 21.000 денари, домаќинство со четири члена до 25.000 денари, и домаќинство со пет члена и повеќе до 30.000 денари.

Граѓаните кои ќе бидат заинтересирани ќе треба да испратат барање за искористување на финансиската поддршка, кое може да се најде на интернет страната на Министерството за економија или да се подигне во архивата на министерството.

„Покрај барањето, граѓаните ќе треба да достават изјава заверена на нотар со која се потврдува дека целокупната приложена документација кон барањето е точна и веродостојна, како и потврда од работодавецот за висината на исплатена плата во 2021 година или извештај од банка за уплатени пензиски примања од Фонд за ПИОМ (чек за пензиски примања) за висината на исплатената пензија во 2021 година и извод од банка за сите трансакциски сметки за 2021 година за подносителот и на членовите на домаќинството“, стои во огласот на Министерството за економија

Освен овие документи треба да се поднесе и потврда од Агенцијата за вработување со која се докажува дека членовите на домаќинството не се вработени, доколку истите не се вработени треба  потврда од Фонд за ПИОМ дека членот на домаќинството не е примател на пензија. Потоа е потребен и доказ за членовите на домаќинството на барателот во фотокопија – лична карта за полнолетни лица, извод од родени за малолетни лица, извод од венчани, потврда за развод или посмртница за член од домаќинството и фотокопија од последната добиена сметка за 2021 година за потрошена електрична енергија во домаќинството. Дополнително лицата со ниски примања кои живеат сами доставуваат изјава заверена на нотар со која потврдуваат дека живеат сами и со која се потврдува дека целокупната приложена документација кон барањето е точна и веродостојна.

Од владата велат дека оваа мерка не е единствената која е наменета за граѓаните. Освен за ранливите категории и за сите оние граѓани со пониски плати, властите потсетуваат дека на средината на ланската година кога енергетската криза беше на самиот почеток, беше намалено и ДДВ-то од 18 на пет отсто. Дополнително, потенцират дека семејствата кои веќе добиваат државна субвенција за плаќање на сметките за струја и натаму ќе ја имаат оваа бенефиција.

„Планот на владата е 7 500 домаќинства да добијат пониски сметки од колку што трошат поради мерката која што ја воведовме дополнително. Тоа значи дека од 600 до 800 денари за секое семејство, ќе добијат помалку на крајот на месецот затоа што ние дирекно кон ЕВН Хоум ќе платиме средства за да им ги минусираат сметките на овие категории на граѓани. 7 500 семејства не се 7 500 луѓе, мултиплицирано по број на членови во семејствата ќе дојдеме до многу поголема бројка. Да не заборавиме дека лицата со Минималниот зафарантиран приход, или 35 илјади корисници имаат енергетски додаток од 1000 денари кои што го добиваат месечно кој што нема да им се намали. Вкупно на крај 45 000 семејства или приближно околу седум отсто од вкупните корисници на електрична енергија кои се статистички регистрирани ќе добијат помош од државата,“ велат од Владата.

Пред почетокот на ланската грејна сесона Регулаторната комисија за енергетика испрати до владата иницијатива за проширување на опфатот на граѓани кои добиваат од државата финансиска помош за подмирување на сметките за струја. Оваа идеја од самиот старт беше комплицирана да се спроведе. Министерството за економија имаше обврска да го измени Законот за енергетика бидејќи тој е под негова надлежност, а пак списоците со граѓани кои живеат во социјален ризик да ги обезбеди Министерството за труд и социјална политика. Но проблемот според властите се јави откако според нив беше тешко да се утврди каде живеат или престојуваат лицата за кои се знае дека имаат проблеми со финансиите, а со тоа и не можат да си ги платат сметките за домување.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП