Владата, на денешната седница, по предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, а по доставениот извештај на Комисијата за следење на состојбите со снабдувањето со електрична енергија, донесе одлука со која се предлага мерка со која АД ТЕ-ТО Скопје ќе работи седум дена во неделата во периодот од 5 до 1 часот со полна моќност, а притоа АД ТЕ-ТО истовремено ќе продолжи да ги реализира своите обврски во согласност со склучените договори за купопродажба на електрична енергија со потрошувачите на отворениот пазар на електрична енергија, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска на прес-конференција пред Министерството за економија.
Како што потенцира министерот, со оваа одлука АД „Електрани на Северна Македонија“ ќе ја откупува електричната енергија произведена од АД ТЕ-ТО Скопје, која не е наменета за потрошувачите на АД ТЕ-ТО Скопје во согласност со склучен договор за купопродажба на електрична енергија, со кој ќе бидат утврдени меѓусебните права и обврски.
„Цената по која АД ЕСМ може да ја преземе дополнително произведената електрична енергија од производителот АД ТЕ-ТО е 170 евра/MWh и е производна цена на елекетрична енергија од комбинирана постројка за производство на електрична и топлинска енергија од природен гас, со пресметена продажна цена на природен гас во Република Северна Македонија за јануари 2022“, рече Бектеши и додаде дека АД „Електрани на Северна Македонија“ обврските од член 2 на оваа одлука ќе ги обезбеди од сопствени средства.
„Со преземањето електрична енергија, дополнително ќе се обезбеди производство и на топлинска енергија за регулираниот дистрибутер на топлинска енергија, со што ќе се овозможи континуирано, квалитетно и економски исплатливо снабдување со толинска енергија на потрошувачите во град Скопје и во исто време при постоење кризна состојба во снабдување со електрична енергија ќе се овозможи да се заштедат природните ресурси што АД ЕСМ ги користи за производство на електрична енергија“, потенцира министерот.
Врз основа на претходното се согледува дека АД ТЕ-ТО има производствен капацитет кој не е во целост искористен во текот на викендите и има вишоци во работните денови, кои може да бидат искористени за домашниот конзум.
Инсталираниот капацитет на АД ТЕ-ТО изнесува 227 МW.