25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонците потрошиле 203,1 милиони евра во домашни онлајн-продавници

Македонците потрошиле 203,1 милиони евра во домашни онлајн-продавници

Според најновите податоци, за безготовински платежни трансакции на виртуелните места на продажба за период од девет месеци, заклучно до 30.9.2021 година од страна на Народната банка, продолжува трендот на пораст како на вредноста така и на бројот на трансакциите, e наведено во соопштението од Агенцијата за е-трговија во Македонија.

Во првите девет месеци од 2021 година вкупната вредност на онлајн-трансакциите реализирани во земјата и во странство со домашни и странски картички изнесува 273,2 милиони евра, што претставува пораст од 67,9 % во однос на истиот период минатата година кога се остварила вредност од 162,7 милиони евра. Доколку споредиме со цела 2020 година кога се реализирале трансакции вредни 240,4 милиони евра, за само девет месеци оваа година се реализирала поголема вредност на трансакции за 13,6 %. Притоа во првиот квартал годинава остварени се 86,6 милиони евра, во вториот квартал 82,1 милиона евра, а во третиот квартал првпат е надмината границата од 100 милиони евра, односно остварени се 104,5 милиони евра во онлајн-трансакции.

Физичките лица во првите три квартали од 2021 година остваруваат 84,5 % од вкупните онлајн-транскации, но далеку побрз раст од 184,6 % имаат правните лица наспроти растот на физичките лица од 56,2 % во однос на истиот период минатата година.

Македонците потрошиле 203,1 милиони евра во првите девет месеци од оваа година кон домашни онлајн-продавници, што претставува 74,3 % од вкупната вредност на направени онлајн-трансакции. Македонците во текот на 2021 година продолжуваат да ги ползуваат придобивките од онлајн-купувањето и да купуваат од домашните е-продавници. Имено, во текот на првите девет месеци од 2021 година Македонците со домашни картички потрошиле 203,1 милиони евра онлајн, што претставува пораст од 84,5 % во однос на истиот период претходната година. Високи 87,2 % од вредноста на трансакците кон домашни е-продавници ја остваруваат физичките лица. Вредноста на просечната трансакција оствaрена од Македонците кон домашните е-трговци изнесува 26,2 евра, и тоа кај физичките лица 26,9 евра, а кај правните 22,2 евра.

„Со почнувањето на пандемијата забележавме значајно забрзување на растот во реализирални онлјан-трансакции, а позитивно е што трендот на раст продолжува и понатаму“, вели претседателката на Агенцијата, Нина Ангеловска.

Странците кон домашните е-трговци во првите девет месеци од 2021 година направиле промет од 12,1 милиони евра зголемувајќи го износот на трансакции во однос на истиот период минатата година за 68 %. Износот на просечна трансакција на странците кон домашните интернет-продавници изнесува 35,3 евра.

Македонците во странство направиле трансакции вредни 58,1 милиони евра во првите девет месеци годинава, што претставува 21,3 % од вкупно остварената вредност на онлајн-трансакциите. Во однос на истиот период минатата година остварен е раст од 28 %.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП