Активностите во индустријата во еврозоната благо паднаа во декември, а компаниите го искористија олеснувањето на кризата во синџирот на снабдување за снабдување со суровини, покажа истражувањето на „Markit“.
Индексот на менаџери за набавка (PMI) во производниот сектор во еврозоната падна за 0,4 поени во декември на 58 поени, потврди лондонската компанија за собирање и обработка на економски податоци.
Индексот на производството во декември остана стабилен на 53,8 поени.
„Втората половина на 2021-ва година беше неверојатно предизвикувачки период за производителите во еврозоната, но резултатите од последното истражување не ги расипаа премногу празничните прослави“, рече вишиот економист на „Markit“, Џо Хејс.
Глобалната пандемија на коронавирусот го попречи снабдувањето на индустријата со суровини и полупроизводи и ги зголеми трошоците, но индикациите за ублажување на кризата во снабдувањето значително го намалија притисокот врз цената.
„Ги гледаме првите, повеќе од добредојдени знаци за олеснување на кризата во синџирот на снабдување, која ги погоди производните линии низ Европа, иако подобрувањето е мало. Податоците на „PMI“ покажаа најсилна стапка на стекнување на залихи во декември од спроведувањето на истражувањето“, додаде Хејс.
Ублажувањето на кризата со набавките ги намали влезните трошоци, при што компаниите ги зголемија цените многу поскромно отколку во ноември.
„Има надеж за поскромно зголемување на цените, но растот е сепак силен“, вели економистот на „Markit“.
Синџирите за снабдување полека закрепнуваат, но пандемијата може да донесе нови непријатни изненадувања, предупредуваат од лондонската компанија.
„Се соочуваме со нов бран на економска несигурност во однос на ширењето на омикронот во Европа. Не може да се исклучи можноста за повторени прекини на синџирот на снабдување поради Ковид-19, а со тоа и повторени привремени зголемувања на инфлацијата“, заклучи Хејс.