Неколку студии направени за сојот омикрон покажаа дека новиот вид би можел да биде помалку опасен од другите варијанти на коронавирус, поради начинот на кој ги напаѓа белите дробови, а откриено е дека најмногу се задржува во горните дишни органи.
Експериментите на глувци и хрчаци утврдиле дека омикронот предизвикал помала штета на белите дробови, а наместо тоа останал во голема мера во носот, грлото и душникот, објави Њујорк Тајмс.
Претходните соеви повеќе ги напаѓаа белите дробови и предизвикуваа сериозни потешкотии со дишењето, додава „Тајмс оф Израел“.
„Не е претерување да се каже дека постои болест која главно се манифестира во горниот респираторен систем“, рече Роланд Ајлес, биолог од Берлинскиот здравствен институт кој анализираше како коронавирусот влијае на дишните патишта.
Водечкиот истражувач за соеви на корона на Универзитетот во Кембриџ, Равиндра Гупта, кој исто така е автор на една од студиите, изјави за „Инсајдер“ дека омикрон „всушност го прави своето на различни начини“.
„Биолошки, вирусот повеќе не е ист како порано. Тоа е речиси нова работа“, рече Гупта.
Една студија покажа дека нивоата на омикрон во белите дробови се една десетина, пониски отколку кај другите видови.
Неколку експерименти објавени во претходните денови упатија на заклучок дека омикронот е поблаг од делта и претходните соеви, што го потврдуваат и реалните податоци кои доаѓаат од здравствените установи.
Студиите сè уште не се прегледани и допрва треба да бидат објавени во научни списанија.