29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТФранција на чело на ЕУ – што можеме да очекуваме наредните шест...

Франција на чело на ЕУ – што можеме да очекуваме наредните шест месеци

Франција денеска од Словенија го презема шестмесечното претседавање со ЕУ.
Официјален Париз најавува дека своето претседавање ќе го фокусира на прашањата за суверенитетот и градењето нов модел на економски раст, а како сфери од посебно стратешко значење ги издвојува Западен Балкан, Африка и Индо-Пацификот.

Во својот говор по повод претстојното француско претседателство со Советот на ЕУ во првата половина на 2022 година, претседателот на Франција, Емануел Макрон, ја најави политиката на повторно ангажирање и инвестирање на ЕУ во Западен Балкан и оцени дека политичката и економската работа во регионот, е работа на цела Европа.

„Западен Балкан е повеќе од соседство. Балканот е срцето на Европа“, рече Макрон.

Макрон, претставувајќи ги приоритетите на француското претседателство со ЕУ, изјави дека Западен Балкан денеска повторно е исполнет со тензии.

Тој посочи дека ЕУ има посебна одговорност кога станува збор за овој регион и предупреди дека за 50 години нема да може да се зборува за „Европа на мирот“ доколку Западен Балкан се остави во ситуацијата што е сега.

Француските дипломати во Брисел оценуваат дека Макрон е особено мотивиран и дека ќе го вложи својот политички капитал во решавање на блокадата на Западен Балкан.

Актуелната блокада на дијалогот меѓу Белград и Приштина тој ја гледа како еден од клучните проблеми во регионот и најавува дека ќе го продолжи процесот со новата влада во Берлин што тој и поранешната германска канцеларка Меркел го започнаа за да го олеснат дијалогот.

„Ситуацијата со дијалогот е комплицирана и ќе бара многу дипломатски ангажман“, велат во француските дипломатски кругови, пренесуваат агенциите.

Покрај дијалогот меѓу Белград и Приштина, во плановите на француското претседателство со Советот на ЕУ е наведено дека ќе се работи на решавање на проблемите на линијата Софија-Скопје, како и на решавање на внатрешните проблеми во БиХ кои, според Париз, можат да доведат до дестабилизација на целиот регион.

За таа цел, за време на француското претседателство, се најавува дека во мај ќе се организира конференција за Западен Балкан.

„Тоа нема да биде редовен самит на ЕУ за Западен Балкан, туку конференција на која ќе се занимаваме со конкретни проблеми во регионот“, велат француски дипломатски извори.

За официјален Париз, решавањето на европската и економската перспектива на Западен Балкан претставува борба за поголем суверенитет на самата Европа и најавува дека„програмата за суверена Европа ќе биде забрзана за време на француското претседателство.

„Наш прв приоритет е посуверена Европа. Тоа значи дека Европа може да ги контролира своите граници. Под француското претседателство, би сакале да го подобриме пакетот за миграција и азил, да видиме амбициозна реформа на управувањето со Шенген, како и зајакнување на заедничката одбранбена политика, но и одбрана на заедничките вредности“, е објавено во програмата на француското претседателство.

Друг клучен приоритет на претседавањето со ЕУ, Париз го гледа во градењето на нов европски модел на раст.

„Нашата амбиција е да ја направиме Европа главен континент за производство, иновации и отворање работни места.

Јасна е амбицијата дека Европа продолжува да биде една од најголемите глобални сили на 21 век, но и да остане извор на инспирација, мир и просперитет за сите“, изјави францускиот премиер Жан Кастекс.

Она што секако ќе го одбележи француското претседателство со ЕУ ќе биде продолжувањето на борбата против пандемијата и кампањата за вакцинација во ЕУ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП