27 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИКакви се плановите на Алкалоид АД Скопје за 2022 година

Какви се плановите на Алкалоид АД Скопје за 2022 година

Алкалоид AД Скопје е една од нашите најуспешни компании, како на домашниот пазар, така и надвор. Компанијата брои 1.930 вработени во земјава и 580 вработени во подружниците и во претставништвата надвор од Северна Македонија. Освен во нашата земја, производите на Алкалоид може да се најдат во многу земји во странство(Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, во Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Бугарија, во Турција, Украина, Руската Федерација, САД и во Велика Британија). Алкалоид е глобално ориентирана компанија, и се стреми кон постигнување високи цели и дострели, кои ќе овозможат изразена конкурентност и пазарна позиција.

Бизнис планот за 2022 година предвидува зголемување на приходите од продажба за 8 % на 224 милиони евра. 35 % од продажбите да бидат остварени на домашниот
пазар, додека, пак, 65 % од извоз.

Компанијата предвидува раст од 7 % на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA). Консолидиранaтa нето-добивка е предвидена со раст од најмалку 7 % во однос на очекуваната за 2021 година.

Во изминативе две децении Алкалоид АД Скопје континуирано инвестира, вложувајќи
преку 200 милиони евра.

Оваа година во употреба беше пуштен погон за сопствено производство на добро познатите на секого, влажните марамчиња Becutan, во вредност од близу 4 милиони евра.

Исто така, оваа година започнаа изградбата и опремувањето на погон за производство на концентрати за раствори за хемодијализа, со потребните магацински простории за суровини и за готови производи. Вкупната вредност на овој проект изнесува 1,4 милиони евра. Комплетирањето на оваа инвестиција е планирано во првата половина на 2022 година.

За 2022 година копанијата предвидува инвестирање на околу 14 % од консолидираните
приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства.

Алкалоид започна со еден од најголемите инвестициски зафати во последниве десет години. Тоа е оформувањето нов производствен погон во Фармација – Производство на цврсти форми. Предвидена е изведба на 2.000 м2 чисти простории, целосно во согласност со највисоките стандарди за фармацевтско производство, со законските регулативи во ЕУ и со GMP-прописите. Планираната вредност на инвестицијата е 4 милиони евра. Во функција на проширување на капацитетите, планирано е и снабдување со нова производствена опрема во вредност од околу 6 милиони евра. Со ова повеќекратно ќе се зголемат прозводствените капацитети и ќе се создаде потенцијал за долгорочен, континуиран раст на продажбите, како и за нови вработувања.

Во тек е и изградба на нов објект со вкупна површина од 4.000 м2, кој ќе ги обезбеди неопходните придружни содржини за исполнување на комплетноста на GMP-прописите во растечките производствени капацитети. Централните гардероби ја претставуваат првата алка во синџирот на производствените услови на GMP. Планираната вредност на овој проект е 4 милиони евра.

Како компанија која континуирано ги следи трендовите во енергетиката, се грижи за животната средина кој е еден од најголемите приоритети во деловната стратегија на Алкалоид, ќе продолжи со инвестирање во производство на електрична енергија од обновливи извори за сопствени потреби. За 2022 година планирана е изградба на неколку фотоволтаични централи со вкупна вредност од 200.000 евра.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП