23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнгеловска-Бежоска: Повисок економски раст е можен преку структурни реформи и трговска и...

Ангеловска-Бежоска: Повисок економски раст е можен преку структурни реформи и трговска и финансиска интеграција

Побрз и одржлив економски раст на земјава е можен, доколку се зголеми потенцијалот за раст, а тоа може да се постигне само преку структурни политики со кои позитивно ќе се делува на трите фактори од кои зависи долгорочниот раст – трудот, физичкиот обем на капитал и продуктивноста. Независно од предизвиците поврзани со пандемијата, не смееме да ги оставиме структурните реформи настрана – процесот на отстранување на структурните пречки мора да се одвива непрекинато, истакнува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за „Капитал“.   

„Според последните расположливи податоци, нашата продуктивност е само околу 44% од европската, обемот на физички капитал само околу една третина од европскиот, а има и тренд на опаѓање на прирастот на работната сила. Овие бројки јасно говорат каде треба да се насочат напорите на носителите на политиките“, истакнува гувернерката.

Ангеловска-Бежоска посочува дека корона-кризата уште повеќе ги нагласила старите, а открила и нови структурни проблеми со што се довела во прашање одржливоста на одредени бизнис-модели во постпандемискиот период, како и потребата од преквалификација на работната сила, промени на професионалните профили на пазарот на трудот со нови „професии на иднината“, а сето тоа во контекст и на забрзаната дигитализација.

Гувернерката во интервјуто истакнува дека малите економии, како нашата, не можат да растат брзо без поголема трговска и финансиска интеграција. Затоа особено ни е важен понатамошен влез на мултинационални компании коишто ќе придонесат за зголемување на извозниот потенцијал, ќе ја подобрат извозната структура, како и продуктивноста и компетитивноста.  

„Во овој контекст неопходно е и посилно поврзување на странските со домашните компании, заради зголемување на позитивните преносни ефекти врз вкупната економија. Битен предуслов за поголема интеграција секако се јавните инвестиции насочени кон подобрувања на економската, социјалната и дигиталната инфраструктура. На овој начин ќе може да се обезбеди не само повисок, туку и поквалитетен растпоттикнат од технолошки софистицирани и иновативни сектори“, вели Ангеловска-Бежоска.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП