28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСе одржа 41. сесија на Клубот на истражувачите формиран од Народната банка

Се одржа 41. сесија на Клубот на истражувачите формиран од Народната банка

Вчера се одржа 41. сесија на Клубот на истражувачите формиран од Народната банка. Со тоа успешно се заокружија активностите на Клубот предвидени за оваа календарска година. Во пандемични услови, во виртуелен формат, се одржаа четири сесии на коишто беа презентирани неколку научноистражувачки трудови, во областа на макроекономијата и финансиите.

По отворањето на сесијата со обраќање на вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, беше презентиран трудот „Кластерска анализа на посебни индикатори на банкарските системи на Северна Македонија, земјите членки на ЕУ и балканските земји“ од Емилија Стојанова Ивановска.

Во трудот, со емпириски пристап се прави споредба на неколку показатели за банкарскиот систем, со цел да се согледа неговата сличност со земји членки на Европската Унија, или со селектирани земји од регионот. Како што беше посочено во презентацијата, врз основа на спроведената кластерска анализа, нивото на концентрација во банкарскиот систем на нашата земја умерено и прифатливо. Споредбено, тоа е повисоко од дел од земјите од регионот, а слично со некои од земјите членки на ЕУ.

Воедно, во ова истражување е направена и кластерска анализа на показателите за финансиско посредување, којашто покажува дека степенот на финансиско посредување во нашата земја и анализираните земји од регионот е понизок во споредба со повеќето од земјите членки на ЕУ. Според презентираните наоди, авторката заклучува дека има простор за понатамошно и постепено продлабочување на нивото на финансиското посредување во нашата земја, водејќи притоа сметка за соодветно преземање ризици и со тоа одржување на квалитетот на портфолиото на банките, коешто и врз основа на оваа анализа е оценето како подобро во однос на некои од земјите од ЕУ.

По презентацијата, на сесијата се водеше дискусија помеѓу учесниците, поттикната од трудот и изнесените заклучоци.

Следната сесија на Клубот на истражувачите ќе се одржи во март следната година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП