29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕК предлага да се воведе минимална даночна стапка од 15 проценти

ЕК предлага да се воведе минимална даночна стапка од 15 проценти

Европската комисија во средата предложи директива за воведување минимална ефективна даночна стапка за глобалниот бизнис на големите групи мултинационални компании.

Предлогот за директива за минимален корпоративен данок е поврзан со меѓународниот договор на 137 земји и ја исполнува заложбата за брзо спроведување на овој историски глобален договор за даночни реформи, чија цел е да се постигне правичност, транспарентност и стабилност на меѓународната корпоративна даночна рамка.

Предлогот содржи заеднички сет на правила за пресметување на глобално договорена стапка од 15 проценти со цел таа стапка доследно да се применува низ Унијата.

„Со брзото усогласување со далекусежниот договор на ОЕЦД, Европа ќе одигра важна улога во создавањето на поправеден глобален корпоративен даночен систем. Воведувањето на договорот на ОЕЦД за минимална ефективна даночна стапка во правото на ЕУ значително ќе придонесе во борбата против избегнувањето данок и даночното затајување и спречување на дерегулација за привлекување бизнис и нездрава даночна конкуренција меѓу земјите“, изјави Валдис Домбровскис, извршен потпретседател за економија.

Со предлогот се воведува минимална ефективна даночна стапка од 15 за сите компании со годишни приходи од најмалку 750 милиони евра.

Предложените правила ќе важат за сите големи домашни и меѓународни групи компании со матична или подружница во земја-членка на ЕУ.

Доколку не постои минимална ефективна даночна стапка во земјата каде што е основана компанијата со ниско даночно оптоварување, земјата-членка во која се наоѓа матичната компанија може да наложи дополнителен данок.

Предлогот, исто така, обезбедува ефективно оданочување доколку матичната компанија се наоѓа надвор од ЕУ, во земја со ниско даночно оптоварување каде што не важат истите правила.

Минималното корпоративно оданочување е една од двете области на глобалниот договор, додека другата е делумна прераспределба на даночните права.

Комисијата најавува дека следната година ќе објави предлог за прераспределба на даночните права.

За овој предлог да стане закон, треба да биде усвоен едногласно од сите земји-членки, додека Европскиот парламент има само консултативна улога.

Се очекува дека нема да биде лесно да се постигне консензус бидејќи има земји-членки како Естонија или Унгарија кои имаат корпоративен данок помал од 15 проценти и се плашат дека со зголемување на данокот на доход ќе ја изгубат својата привлечност за инвеститорите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП