19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦЕФ: Народната банка е вистински центар на знаење, пример во регионот

ЦЕФ: Народната банка е вистински центар на знаење, пример во регионот

Народната банка е вистински центар на знаење и значајна алка во институционалниот систем, како во земјата, така и во регионот. Ова е од големо значење за предизвиците коишто ни претстојат, а што во голема мерка доаѓаат со процесот на дигитализацијата, новите трендови во банкарскиот сектор и поддржувањето на зелените финансии. Ова беше посочено на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и директорката на Центарот за извонредност во финансиите (ЦЕФ) во Словенија, Јана Репаншек.

Од ЦЕФ истакнаа дека нашата централна банка е одличен пример за многу институции во регионот, за тоа како треба да функционира вистински центар на знаење. Беше посочено дека Народната банка постојано вложува во градењето високвалитетен човечки капитал, како и во унапредувањето на знаењата и вештините на вработените, што е предуслов за раст на институциите и на земјите на одржлив, паметен и инклузивен начин.

Истовремено, Народната банка покрај тоа што е насочена кон стекнување знаења, таа исто така пренесува знаења и експертиза за потребите на другите институции во земјата и надвор. Оттука, директорката на ЦЕФ искажа голема благодарност до Народната банка за нејзината вклученост како една од партнерските институции коишто учествуваат во активностите за остварување на целите на ЦЕФ согласно со Стратегискиот план. Исто така, директорката на ЦЕФ нагласи дека Народната банка е институција којашто е исклучително посветена кон постигнување транспарентност и добра комуникација, што придонесува и за едукативни придобивки за јавноста. 

Гувернерката Ангеловска-Бежоска се заблагодари за досегашната успешна соработка и поддршката од ЦЕФ, како институција којашто дава голем придонес во јакнењето на институционалниот капацитет во регионот. Притоа, таа посочи дека Народната банка и во наредниот период ќе ја продолжи соработката со ЦЕФ во доменот на професионалната обука на вработените, ползувајќи ги методите на размена на искуства со централните банки коишто се членки на ЦЕФ, како и преку натамошни целни обуки за областите коишто се предизвици во овој момент за централните банки, пред сѐ во доменот на микросупервизијата, постојаното надградување на банкарската регулатива во согласност со европските стандарди и во доменот на оцената на ризиците од климатските промени и нивното влијание врз финансискиот сектор.

ЦЕФ е едукативна институција за обуки од областа на јавните финансии во Југоисточна Европа и е еден од главните партнери на Народната банка во размената на знаењата и професионалното искуство во последните дваесет години. Овој центар за обука го заснова своето работење на шест столба: соодветна организациска култура и однос кон едукацијата, партнерски однос со меѓународни институции коишто може да придонесат во едукацијата, фондови за учење и споделување нa знаењето, дефиниран процес на стекнување и споделување на знаењето, примена на методи за комуникација за едукацијата којашто води кон промени и поставен механизам за следење и евалуација на спроведените едукативни активности.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП