26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБесплатниот јавен превоз во целост ќе се реализира за две години

Бесплатниот јавен превоз во целост ќе се реализира за две години

Акцијата за чистење диви депонии, проектот за воведување БРТ превоз и финансиската состојба на Градот Скопје и на јавните градски претпријатија беа главните теми на кои градоначалничката Данела Арсовска разговараше со претставниците на медиумите, на денешниот брифинг.

Арсовска најави дека се работи на реорганизација на ЈСП и дека за две години целосно ќе се реализира проектот за бесплатен јавен превоз за граѓаните.

  • Се работи на програмата што ја имавме зацртано, односно се преземаат првите чекори од етапното воведување бесплатен автобуски превоз. Ревизијата во ЈСП Скопје е започната, се детектираат сите слабости во работењето на ова претпријатие. Како што знаете, ова претпријатие е тежок загубар, а целта на новото раководство е да овозможи претпријатието да работи со оптимално намалување на трошоците, зголемување на приходите и овозможување непречено функционирање со сето она што може да се направи во следниот период. Најпрвин, претпријатието да излезе од долговите, второ – да се овозможи да се воведе бесплатен превоз, првично на оние категории на кои што им беше ускратено ова право и трето – изнаоѓање начини за детектирање на финансиски средства преку донатори за набавка на прва транша на автобуси, а понатаму ќе видиме како ќе биде финансирањето – рече денеска градоначалничката Арсовска.

Таа додаде дека ЈСП Скопје ја почна реализацијата на проектот од предизборната програма „Скопје без заборавени населби“, односно, продолжување на автобуските линии од линискиот превоз онаму каде што ги нема.

  • Запознаени сте дека има голем број места каде што за жал јавниот превоз не е достапен и покрај тоа што има технички можности за тоа, а жителите на тие места пешачат по 2, 3 и повеќе километри за да стигнат до најблиската автобуска станица. Во финална фаза е постапката за нов линиски ред, воведување ноќни линии, воведување зачестени линии онаму каде што се потребни имајќи предвид дека имаме ситуации на одредени локации каде што само двапати во текот на денот пристигнува автобус, што го ограничува начинот на корисниците на јавниот превоз од подалечните локации да стигнат дома – образложи Арсовска.

Таа објасни дека Градот Скопје изминатиов период спроведува голема акција за чистење на дивите депонии.

  • Преку пријави и комуникација со граѓани од сите населени места претходно детектиравме околу 120 диви депонии. Чистењето го реализираме преку нашите јавни претпријатија и во соработка со дел од општините во Скопје, а до овој момент речиси сите депонии се исчистени. Оваа заедничка акција за чистење на дивите депонии ја спроведуваме за доброто на сите граѓани и за првпат се случува во олкав голем обем – рече градоначалничката Арсовска.

Таа додаде дека покрај создавањето диви депонии, еден од најгорливите проблеми е и нивното палење, зашто со тоа се загрозува животот и здравјето на граѓаните и нагласи дека тоа нема да се толерира.

– Почнавме со неселективно казнување на сите оние кои ќе бидат затекнати како создаваат и палат депонии, а со тоа го загрозуваат животот и здравјето на граѓаните. Во моментов службите создаваат систем за следење на состојбите, со кој покрај следењето на депониите кои што се веќе исчистени со дрон, активно ќе се работи на пријави од граѓани со цел да се спречи нивното повторно создавање – категорична е Арсовска.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП