4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМаркит: Заздравувањето во еврозоната зема залет

Маркит: Заздравувањето во еврозоната зема залет

euuuu

Активностите во приватниот сектор на еврозоната во август забележале најголем скок во последните две години, извести денес во првичната проценка реномираниот лондонски институт Маркит.

Индексот ПМИ за приватниот сектор на еврозоната во август скокнал на 51,7 поени, што претставува негова највисока вредност во последните 26 месеци, објави Маркит. Во јули тој изнесуваше 50,5 поени.

Показателот на активностите во приватниот сектор на еврозоната расте веќе петти месец по ред, при што вредноста над 50 поени сигнализира раст на активностите, а вредноста под неа сигнализира пад. Августовскиот резултат покажува дека активностите растат втор месец по ред.

„Економското заздравување во еврозоната забрзало во август, при што компаниите во индустрискиот и во услужниот сектор известија за најсилното темпо на растот во нешто повеќе од две години”, констатира во соопштението главниот економист на Маркит, Крис Вилијамсон.

Новите нарачки само незначително пораснале, но нивниот раст укажува на подобрување на побарувачката на стоки и услуги, и тоа првпат од јули 2011 година, истакнуваат од Маркит.

Меѓу најголемите економии, Германија забележала најголем раст во приватниот сектор од првиот месец годинава, благодарение на скокот на новите нарачки. Притоа активностите во индустријата скокнале на највисоко ниво во малку повеќе од две години, додека секторот на услуги го забележува најголемиот раст во последните шест месеци.

Во втората според големина економија во еврозоната – Франција, активностите во август повторно се намалија, и тоа со нешто побрзо темпо отколку во јули.

Остатокот од еврозоната забележал раст на активностите, и тоа првпат од мај 2011 година, и во производствениот и во услужниот сектор.

„Засега третиот квартал во еврозоната се покажува најдобар кога станува збор за растот на деловните активности од пролетта 2011 година “, истакнува Вилијамсон.

Растот го предводи Германија, додека способноста на Франција повторно да остварува одржлив раст претставува голема непозната, истакнува главниот економист на Маркит.

„Од остатокот на еврозоната , повторно пристигнаа подобри податоци, што наведува на заклучокот дека во периферните делови, сведочиме за долгоочекуваното заздравување”, истакнува тој.

Одвоено во средата британската банка HSBC во својата прелиминарна процена пресмета дека активностите во кинеската индустрија пораснале во август првпат во последните четири месеци. Индексот изнесувал 50,1 поен, во однос на 47,7 поени колку што изнесувал во јули. Со тоа показателот на HSBC се приближи на официјалниот кој го изработува кинеската статистичка агенција, а во јули изнесуваше 50,3 отсто.

Кина официјалниот показател ќе го објави на 1-ви септември, а HSBC конечната вредност на овој индекс за август ќе ја објави еден ден потоа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП