Организацијата на извознички на нафта (ОПЕК) ја подобри проценката на светската побарувачка на нафта на почетокот на 2022-ра година, проценувајќи дека новата варијанта на коронавирусот омикрон малку ќе влијае на светот кој полека почна да се навикнува да живее со пандемијата.
ОПЕК ја процени побарувачката на нафта во првиот квартал од следната година на просечни 99,13 милиони барели дневно, зголемувајќи ја својата ноемвриска прогноза за 1,11 милиони барели дневно.
„Закрепнувањето што се очекуваше досега во четвртиот квартал од 2021-ва година е делумно одложено за првиот квартал од 2022-ра година, а неговиот тек ќе биде постабилен во втората половина на 2022-ра година“, се вели во редовниот месечен извештај на ОПЕК.
„Треба да се додаде дека влијанието на новата варијанта на коронавирус – омикрон треба да биде благо и краткотрајно бидејќи светот има подобри алатки за справување со Ковид-19 и предизвиците што тој ги носи“, додаваат тие.
Во исто време, картелот ја потврди прогнозата дека светската побарувачка за нафта во оваа година треба да се зголеми за 5,65 милиони барели дневно, по минатогодишниот најголем пад откако почнаа да објавуваат податоци.
Тие ја потврдија и прогнозата за цела 2022-ра година, според која побарувачката треба да се зголеми за дополнителни 4,15 милиони барели дневно и со тоа да го надмине нивото од 2019-та година.
ОПЕК и неговите сојузници постепено го зголемуваат производството, кое го намалија најмногу откако беа основани минатата година, со цел да се прилагодат на пропаѓачката побарувачка во пандемијата.
Претходно овој месец, тие објавија дека повторно ќе го зголемат за 400.000 барели дневно во јануари, и покрај стравувањата предизвикани од новата варијанта на коронавирусот.
Извештајот, исто така, покажа дека тие го зголемиле производството за 290.000 барели дневно на 27,72 милиони барели дневно во ноември, благодарение на зголемените испораки од Саудиска Арабија и Ирак, двата најголеми производители во ОПЕК, и закрепнувањето на производството во Нигерија.