20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГерманија забележува највисока инфлација од 1992-ра

Германија забележува највисока инфлација од 1992-ра

Годишната инфлација во Германија надмина пет проценти во ноември, пред се поради ниската споредбена база и повисоките цени на енергијата и храната, потврдија најновите податоци на „Destatis“.

Потрошувачките цени се зголемија за 5,2 отсто на годишно ниво во ноември, по растот од 4,5 отсто во октомври, соопшти германската статистичка служба, според првата проценка од крајот на ноември.

„Стапката на инфлација се зголеми шести пат по ред и го достигна највисокото ниво оваа година во ноември“, рече претседателот на „Destatis“, Георг Тиел.

„Повисоката стапка на инфлација беше измерена пред речиси 30 години. Во јуни 1992-ра година беше 5,8 отсто“, додаде тој.

На месечно ниво, потрошувачките цени паднаа за 0,2 отсто, по растот од 0,5 отсто во октомври, пред се поради сезонскиот пад на цените на пакетите, за 21,6 отсто. Енергенсите поскапеа за 1,8 отсто, а храната за 0,5 отсто во однос на претходниот месец.

Годишната инфлација мерена со хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HICP), кој се користи за полесно споредување со другите земји од ЕУ, достигна шест отсто во ноември и е највисока од 1992-ра година, кога достигна рекордни 6,2 отсто. Во октомври беше 4,6 отсто.

Голем број причини за високата инфлација во најголемата европска економија од јули оваа година ги вклучуваат ниските цени од минатата година што резултираа со низок репер, објаснуваат од „Destatis“.

Посочуваат и на намалената стапка на данокот на додадена вредност (ДДВ) во втората половина од минатата година и остриот пад на цените на минералните нафтени производи пред една година.

На годишна основа, цените на енергијата скокнаа за 22,1 отсто во ноември, по скокот од 18,6 отсто еден месец претходно. Цените на нафтата за греење се зголемени повеќе од двојно, а поскапувањето на моторните горива за повеќе од 40 отсто.

Надоместокот за „CO2“ воведен на почетокот на годината влијаеше и на растот на цените на енергијата, забележува германскиот завод за статистика.

Растот на цените на храната се забрза на 4,5 отсто на годишно ниво, од 4,4 отсто во октомври, а растот на цените на услугите од 2,4 на 2,8 отсто, објави „Destatis“.

Сите бројки се совпаѓаат со проценките на „Destatis“ објавени на 29-ти ноември.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП