26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНовиот ковид-бран ја забави француската економија

Новиот ковид-бран ја забави француската економија

Француската економија се очекува да порасне нешто под 0,75 отсто во четвртиот квартал, предвидува централната банка, во контекст на зголемената неизвесност околу петтиот бран на инфекција со коронавирус.

Централната банка на тој начин благо ја намали минатомесечната прогноза, која предвидуваше раст на втората по големина економија во еврозоната во последните три месеци од оваа година за 0,75 отсто во однос на претходниот квартал.

Премиерот Жан Кастекс на почетокот на неделата изјави дека ноќните клубови ќе бидат затворени пред Божиќ и дека мерките за физичко одвојување ќе бидат заострени, но ја отфрли можноста за ново затворање поради високата стапка на вакцинација.

Редовната месечна анкета на банката на 8.500 компании покажа дека компаниите очекуваат деловните услови во индустрискиот и услужниот сектор да се подобрат и градежната активност да биде стабилна.

Проблемите со наоѓање работници, предводени од доминантниот услужен сектор, малку се влошија, според неодамнешното истражување, во кое 51 отсто од анкетираните деловни лидери ги истакнале ваквите проблеми, во однос на 49 отсто во октомвриската анкета.

На проблеми во синџирот на снабдување се пожалиле и повеќе од половина од испитаниците, 57 отсто од нив, наспроти 56 отсто во октомвриската анкета.

Проблемите во синџирите на снабдување најмногу ја погодија автомобилската индустрија, покажува банкарско истражување спроведено помеѓу 26-ти ноември и 3-ти декември.

Во градежниот сектор на овие проблеми се пожалиле нешто помалку компании, 56 отсто, додека во октомври нивното учество изнесувало 58 отсто.

Во овој контекст, централната банка оцени дека економската активност малку ги надминала нивоата пред пандемијата во декември.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП