Вториот и третиот пензиски столб потребно е да станат поразбирливи и поприемчиви за граѓаните, за да се формира свест и навика за долгорочно и посветено штедење кај поединците, но и кај деловните субјекти – порачаа трите пензиски друштва Сава пензиско друштво а.д. Скопје, КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје и Триглав пензиско друштво а.д. Скопје на самиот почеток на кампањата „Засади желба, за поубава иднина“, која веќе е во полн ек.
Покрај едукативните и информативните онлајн акции, пензиските друштва денес го отворија и третиот „Пензиски парк“, во средното училиште „Кочо Рацин“ во Свети Николе. „Почитувани, чест и задоволство ни е што токму нашето училиште е едно од четирите избрани во проектот „Засади желба, за поубава иднина“. Ова е настан од еколошко-едукативен карактер и за нас претставува голем предизвик што сме вклучени во еден ваков проект. При тоа сакам да изразам благодарност до трите пензиски друштва бидејќи ваквите настани се одличен пример за младите генерации во однос на подигнување на еколошката свест и развивање на чувството за чиста и здрава околина. Ваквите акции на младите им даваат пример како треба да се грижиме за природата бидејќи здравата животна средина е клучна за здравјето на човекот. Се надеваме дека во иднина ваквите проекти ќе станат традиција и притоа ќе се овозможи подобрување и возобновување на животната средина.“ – изјави во оваа прилика директорката на училиштето, Жаклина Милошева.
За време на акцијата во која учествуваа и дел од вработените во пензиските друштва, по подготовката на дворот, успешно беа засадени средно созреани листопадни садници и беше поставен знакот за Пензискиот парк кој ќе остане да ги потсетува учениците за можноста која тие ја имаат активно да учествуваат во градењето на сопствената иднина, но и во подобрувањето на квалитетот на животната средина.

„Примарна цел на пензиските друштва е да им ја обезбедат иднината на своите членови преку исплата на стабилни и сигурни пензии. Но иднината не се состои само од обезбедување на материјална сигурност, туку и од тоа во каква средина ќе живееме. Целта на оваа кампања е да се подигне свесноста кај граѓаните за пенсискиот систем, а воедно и да ја пратиме токму оваа порака за важноста на зачувување на животната средина.“- изјави во своето обраќање Предраг Милошевски, Втор генерален директор и Член на Управниот одбор во КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје.
Од пензиските друштва велат дека се задоволни од првите ефекти на кампањата која особено младите позитивно ја прифаќаат, и дека ова им дава мотив да продолжат да инвестираат напори за доближување на темата за поубава иднина до сите граѓани.

Сите информации и активности поврзани со кампањата „Засади желба, за поубава иднина!“ ќе бидат достапни на веб страната www.penzija.mk
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk