Бројот на Американци кои побараа надомест за невработеност минатата недела падна на најниско ниво во повеќе од 52 години, покажаа податоците на Министерството за труд во четвртокот.
Во неделата до 4-ти декември 184.000 граѓани се пријавиле за државен надоместок за невработеност, што е намалување за 43.000 во однос на претходната недела, покажуваат сезонски прилагодените податоци на Министерството за труд.
Ваквиот пад на нивниот број е на најниско ниво од септември 1969-та година, веројатно сè уште е надуен поради тешкотиите во прилагодувањето на податоците за сезонските флуктуации.
Иако бројот на апликации обично расте во постудениот дел од годината, економистите велат дека е малку веројатно дека таквата сезонска шема ќе опстојува во периодот на акутен недостиг на работна сила на пазарот на труд во САД.
На крајот на октомври имаше 11 милиони непополнети работни места во САД, така што работодавците не се склони кон отпуштања.
„Сезонските осцилации ќе ја отежнат интерпретацијата на податоците за барањата за бенефиции за невработеност“, рече Вероника Кларк, економист во „Citigroup“ во Њујорк.
Сепак, податоците се во согласност со другите показатели, како што се потрошувачката, производствените и услужните активности, кои сигнализираат обновен поттик во четвртиот квартал, по забавувањето помеѓу јули и септември.
Ширењето на омикрон варијантата на вирусот сепак може да и наштети на економијата. Иако малку се знае за неговото влијание, може да се очекува помала вработеност и побарувачка за услуги, судејќи според искуството со варијантата делта, што предизвика најслаб раст на економијата за повеќе од една година во третиот квартал.
Владата кон крајот на минатата недела објави дека стапката на невработеност паднала на 4,2 отсто во ноември, што е најниско ниво во последните 21 година, додека бројот на вработени се зголемил за само 210.000, најслабо од пандемијата во декември 2020-та година.
На почетокот на април 2020-та година, во екот на пандемијата на коронавирусот, кога економијата беше речиси целосно запрена, бројот на неделни барања за надомест за невработеност достигна рекордни 6,149 милиони.