25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКина објави петгодишен план за зелен развој на индустриските сектори

Кина објави петгодишен план за зелен развој на индустриските сектори

Кинеското Министерство за индустрија и информатичка технологија (MIIT) го претстави петгодишниот план насочен кон зелен развој на индустриските сектори.

Така, Министерството вети и се обврза да ги намали емисиите на јаглерод и загадувачите, како и да ја промовира индустријата во развој со цел да ја исполни обврската за пикот на емисиите на јаглерод до 2030-та година.

Зад овој план се крие амбицијата на најголемиот светски емитер на стакленички гасови да стане „јаглеродно неутрален“ до 2060-та година, пишува „Reuters“.

„MIIT“ потсети и на актуелните цели за намалување на емисиите на јаглерод диоксид за 18 отсто и енергетскиот интензитет за 13,5 отсто до 2025-та година, според планот што го опфаќа периодот од 2021-ва до 2025-та година.

Беше речено и дека строго ќе се контролираат капацитетите во секторите челик, цемент, алуминиум и други сектори.

Министерството додаде во планот дека ќе ја зголеми потрошувачката на чиста енергија и ќе ја поттикне употребата на водород, биогорива и горива добиени од отпад во челичната, цементната, хемиската и другите индустрии.

Планот, исто така, има за цел да промовира рационална експлоатација на минералните ресурси како железната руда и обоените метали, како и да ја развие употребата на рециклирани извори, пишува „Reuters“.

Како најголем загадувач на воздухот во светот, Кина беше цел на критики на конференцијата во Глазгов поради отсуството на претседателот Си Џинпинг, особено што кинеските власти на состаноците објавија дека го зголемиле производството на јаглен за еден милион тони дневно.

Земјата, која е 60 отсто зависна од јаглен за производство на електрична енергија, се соочи со прекини на електричната енергија во последните месеци и соодветно ја зголеми експлоатацијата на јаглен.

Сепак, загадувањето на воздухот е значително намалено во последните години во Пекинг, кој треба да биде домаќин на Зимските олимписки игри во февруари 2022-ра година, но грејната сезона го поттикна дополнителното загадување.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП