8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИнфлацијата во Турција во ноември изнесуваше 21,31 отсто

Инфлацијата во Турција во ноември изнесуваше 21,31 отсто

Годишната стапка на инфлација во Турција се зголеми на 21,31 отсто во ноември, достигнувајќи го највисокото ниво во последните три години, објави статистичкиот завод „ТуркСтат“.

Во однос на октомври, цените се зголемени за 3,51 отсто, објави „ТуркСтат“.

Најмногу на годишно ниво минатиот месец пораснале цените на угостителските и сместувачките услуги, како и на храната и на апаратите за домаќинство, се вели во извештајот на Заводот за статистика.

Имаат високи долгови и невработеност

Турската економија веќе има проблеми поради остриот пад на вредноста на лирата и поради високиот надворешен долг и невработеноста, што ги погодува и домаќинствата, јави агенцијата „ДПА“.

Минатата недела граѓаните протестираа во поголемите градови, меѓу кои и Истанбул и Анкара, против речиси секојдневното поскапување на артиклите, од основните прехранбени производи до производите за доење на бебиња.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес ужива најмала поддршка од граѓаните откако дојде на власт пред речиси 20 години, а оваа недела вети казни за оние кои шпекулираат со цените.

Ердоган верува дека неговата неортодоксна теорија, според која пониските каматни стапки може да ја забават инфлацијата во одреден момент, сепак ќе донесе резултати, забележува „ДПА“.

Во последните месеци, претседателот изврши притисок врз централната банка драстично да ги намали клучните каматни стапки, а инфлацијата оттогаш се зголеми, наведува германската новинска агенција.

Тврдење дека се манипулира со податоците

Водачот на главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП), Кемал Киличдароглу, во петокот рече дека заводот за статистика манипулира со податоците откако му беше забранет влезот во седиштето на „ТуркСтат“ во Анкара.

„Од каде ги добивте овие информации… од кои продавници? Наша должност е да ги браниме правата на милиони“, рече Киличдароглу, обвинувајќи ја „ТуркСтат“ за измама на јавноста.

Официјален одговор не беше веднаш достапен.

Анкетата спроведена од агенцијата „Метропол“ во јуни покажа дека само шест отсто од испитаниците веруваат во податоците објавени од Заводот за статистика.

Независните истражувачки групи, како што е истанбулскиот „ЕНАГРУП“, ја проценуваат годишната инфлација на 58,65 отсто во ноември.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во октомври процени дека инфлацијата во Турција оваа година треба да биде 17 отсто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП