24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИнфлацијата во Германија надмина пет проценти

Инфлацијата во Германија надмина пет проценти

Годишната инфлација во Германија надмина пет отсто во ноември, за прв пат во последните 29 години, покажаа во понеделникот податоците на државниот завод за статистика.

Потрошувачките цени во Германија се зголемени за 5,2 отсто во споредба со истиот месец минатата година, се вели во првата проценка на „Дестатис“.

Тие се зголемија за 4,5 отсто во октомври.

Хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HICP) што се користи во ЕУ за да се овозможи споредување меѓу земјите покажува пораст на цените од 6,0 отсто во споредба со ноември минатата година.

Во споредба со октомври, потрошувачките цени во најголемата европска економија во ноември се лизнаа за 0,2 отсто, покажуваат прелиминарните податоци на „Дестатис“.

Главниот двигател на инфлацијата во последните месеци беше наглиот раст на цените на енергијата во контекст на закрепнувањето на глобалната економија од кризата со коронавирусот.

Така, сметките за енергија во домаќинствата во ноември биле за 22,1 отсто повисоки во однос на истиот месец лани, покажуваат прелиминарните податоци.

Порастот на инфлацијата во „Дестатис“ се припишува на растот на цените поврзани со недостигот на суровини и тесните грла во снабдувањето и воведувањето данок на „CO2“ на почетокот на годината.

Повисоката стапка на инфлација, исто така, ја одразува ниската компаративна основа во втората половина на 2020-та година, кога владата привремено ја намали стапката на данокот на додадена вредност за да ги поддржи трошоците во коронакризата. Од почетокот на оваа година повторно се во сила редовните стапки на ДДВ.

Економистите очекуваат пониска стапка на инфлација од почетокот на следната година, бидејќи тој фактор ќе опадне.

Економските советници на владата во Берлин неодамна најавија дека стапката на инфлација во 2022-ра година треба да падне на 2,6 отсто.

Трендовите на инфлација се важен показател за Европската централна банка (ЕЦБ) во креирањето на монетарната политика. За 19-те земји од еврозоната кои ја користат заедничката европска валута, таргетираат годишна инфлација од два отсто, потсетува „ДПА“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП