19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕксклузивно интервју на Денар со новиот претседател на ССК Трајан Ангелоски :...

Ексклузивно интервју на Денар со новиот претседател на ССК Трајан Ангелоски : Кризата не е завршена, македонската економија е заглавена во длабока пандемиската дупка, за излез од неа ќе требаат најмалку три години!

Новиот претседател на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски во ексклузивно интервју за Денар вели дека неговите активности ќе бидат насочени кон заштита и унапредување на организаторската структура на комората. Трајан Ангелоски на позицијата претседател на ССК доаѓа како прв човек на Индустриската комора при ова бизнис здружение. Ангелоски е косопственик и извршен директор на компанијата за производство, трговија и развој на врзувачки елементи „Ариљеметал“, со која раководи повеќе од 10 години. Инаку тој по професија е машински инженер и магистер по технички науки.

 Кој е Трајан Ангелоски?

Трајан Ангелоски е роден 1977 во Скопје по образование е дипломиран машински инженер и магистар по технички науки кој своето формално образование го стекна во Скопје на Машинскиот Факултет при Универзитетот СВ. Кирил и Методиј. Во повеке прилики и за време на студирањето и потоа со цел стекнување адекватна обука и вештини престојуваше во Германија, Австрија, САД, Јапонија, Кина, Тајван и други светски индустриски центри. Повеќе години Трајан Ангелоски е активен член на Управниот Одбор на ССК и Претседател на Индустриската Комора и претставува добар познавач на работите во македонската и европската индустрија.

 Денар: Кои се првите чекори и проекти кои ќе ги има ССК со Вас како прв човек на комората?

Ангелоски: Одредени реформи во самата организација со цел зголемување на ефикасноста на работењето, дигитализација и користење на најновите софтверски алатки, продолжување со уште поголема брзина во правец на меѓународната соработка , тука наследивме одлична состојба од страна на претходната претседателка меѓутоа никогаш не е доволно и може повеќе и не смеме да застанеме. 

 Денар: Кои се слабостите на македонската економија, и што предлагате Вие за подобрување на состојбите?

Ангелоски:Оххх има многу проблеми, од немање на капитални инвестиции, па се до дестимулираноста на претприемачите да се занимаваат со бизнис.

Денар: Дали приватниот сектор ја надмина кризата предизвикана од пандемијата, или ќе биде потребно уште долго време за постепено опоравување?

Ангелоски: Кризата не е завршена. Ние уште не сме го достигнале економското ниво од 2019 год. Поради пандемијата ние ќе бидеме во временска дупка од 3 години.

Денар: Кој е вашиот став околу вакцинацијата, властите најавуваат задолжителна вакцинација за јавниот сектор но и бараат тоа да се практикува и во реалниот сектор?

Ангелоски: Мене оваа ситуација ми изгледа како префрлање на проблемот од министерството кон компаниите. Постои некоја бројка во јавноста дека од медицинскиот персонал се вакцинирани 70% , а 30% не се. Доколку ова е точно тогаш ние имаме реален проблем кој Министерството за здраство, прво треба да си ги реши проблемите во својот двор. Оние кои се образовале и цел живот работат во медицината, а не прифаќаат да се вакцинираат како обичните луѓе и да веруваат во вакцините и во целава ситуација. Треба да им се објасни на луѓето подетално што се предностите на вакцините, треба да се работи повеќе со луѓето.

Денар: Има ли финансиска кондиција стопанството за минимална плата од 18 илјади денари во 2022 година ?

Ангелоски: Ние не сме за вештачки-хибридни решенија, да го оставиме пазарот на трудот сам да ја одредува реалната плата. Се што е наметнато ќе предизвика контраиндикации во некои други области, намалување на бројот на работници можеби.

Денар: Кој е вашиот став за недела неработен ден ?

Ангелоски: Не разбираме навистина што е идејата со оваа мерка, ние сметаме дека сегашните мерки се сосема доволни и дека само се комплицира состојбата.

Денар: Дали сметате дека домашните компании имаат ист третман од државата како и странските инвеститори?

Ангелоски: Секогаш странските инвеститори биле привилегирани, а привилегиите ги обезбедуваат домашните компании.

Денар: Колку е тешко една компанија да се наметне на странски пазар со своите производи?

Ангелоски: Многу, истражување на пазар, развој на производ, маркетинг, дистрибуција, продажба, долг и скап процес. Се разбира нема алтернатива, мора да извезуваме повеќе во повеќе земји.

Денар: Кои закони според вас треба да се променат и што во нив конкретно, за подобра и поефикасна бизнис клима ?

Ангелоски: Многу треба да се работи за да се промени климата, имаме една од најслабите економии во Eвропа, мора многу да работиме.

Денар: Колку енергетската криза удри врз бизнисот?

Ангелоски: Почнува да удира се повеќе, меѓутоа следниот период ќе биде критичен се до пролет. Ќе видиме како ќе се одвива.

Денар: Како бизнисмен гледате на можно замрзнување на цените на дел од производите, како мерка против инфлацијата?

Ангелоски: Не, ако ова го направиме може да се случи да почне да снемува некои производи.

Денар: Колку воведувањето нова технологија и иновации во компаниите се гаранција за нивни раст и развој?

Ангелоски: Новитети мора да има, или ова ќе го правиме или ќе треба да ги затвориме компаниите.

Денар: Кое е решението на најголемиот проблем на фирмите, како до квалификуван кадар?

Ангелоски: Образованието мора да проработи на вистински начин, реформи во образованието особено во средното стручно школо.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП