23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАOваа зима Европа ќе се соочува со прекини на струја

Oваа зима Европа ќе се соочува со прекини на струја

На Европа претстојната зима и се закануваат привремени прекини на струја поради недоволните резерви на гас.

Ова го предвидува извршниот директор на компанијата за трговија со суровини „Trafigura“, Џереми Вир.

Тој рече дека цената на нафтата може да се искачи на над 100 долари за барел.

Побарувачката за енергетски ресурси, како нафта, јаглен и природен гас, како и разни метали, вклучително и кобалт, никел и бакар, расте поради отворањето на глобалната економија и постепеното отстранување на антиепидемиските ограничувања. Сепак, ова може да доведе до остри скокови на цените, предупредуваат од „Trafigura“.

Природниот гас во Европа оваа година се искачи на рекордно ниво, а некои земји дури воведоа мерки за ограничување на растот, вклучително и владини субвенции и ограничувања на цените.

„Во моментов, искрено кажано, немаме доволно гас, а зимските залихи се ниски. Постојат основани стравувања дека ако зимските месеци бидат постудени, може да дојде до прекин на електричната енергија во некои делови на Европа“, рече Веир за време на „FT Commodities Asia Summit“.

Рускиот гасен монопол Газпром, главен извозник на „сино гориво“ во Европа, почна да ги полни своите складишта на почетокот на овој месец, но компанијата очекува испораките преку гасоводот да бидат помали во декември.

Владите во некои европски земји ја обвинија Москва за намерно намалување на испораката на гас за Европа со цел да изврши притисок врз Германија да ја забрза изградбата на „Северен тек 2“. Сепак, Русија ги демантираше овие шпекулации.

Во меѓувреме, високата цена на природниот гас доведе до зголемување на побарувачката за нафта. Цената на сортата брент порасна за 60% од почетокот на годината и се тргува на нивоа над 80 долари за барел.

Според Џереми Веир, снабдувањето на пазарот на нафта исто така може да биде недоволно.

Борбата против климатските промени бара нафтените компании постепено да ги ограничат своите инвестиции во загадувачките фосилни горива и да се фокусираат на обновливите извори на енергија.

„Trafigura“, еден од најголемите трговци со стоки во светот, забележа рекорден профит за првата половина на 2021-ва година, во услови на остар раст на цените.

Растот на производството на електрични автомобили ја зголемува побарувачката за метали како кобалт, никел и бакар. Залихите на бакар во магацините на Лондонската берза за метали и Шангајската стоковна берза се на постојано ниско ниво.

Според Џереми Веир, производството на кобалт и никел нема да биде можно без отворање на нови рудници. Овој процес мора да се случи доволно брзо, но без непочитување на безбедносните стандарди, предупредува извршниот директор на „Trafigura“.

Тој додаде дека компанијата активно инвестира во технологии за зафаќање и складирање на јаглерод кои имаат потенцијал да станат главен дел од нејзиниот бизнис.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП