Дали некогаш сте се запрашале од каде и од кога потекнува македонската валута – денарот, но и која е историјата на основната македонска парична единица? Во денешно време речиси безвреден, меѓутоа денарот крие богата историја, а честопати пак, е и додадена вредност за кое било купување. Но, не поради неговата вредност, таа навистина нема да направи разлика, туку во неговата симболика. Во модерно време, фразата „за еден денар“ се чини често употребувана во маркетингот, во продажбата, во многуте понуди и промоции на кои секојдневно сме сведоци, токму поради симболиката на додадената вредност – за толку малку, можете да добиете толку многу. И, има логика.
Малку историја
Денарот е македонска валута од 26 април 1992, кога прв пат е усвоен од тогашното Собрание на Република Македонија. Името „денар“ потекнува од староримската монетарна единица „денариј“ и претставува израз на историскиот континуитет на употребата на парите на територијата на Македонија од римската антика до средновековниот период.
Основната и најмала парична единица е кованата монета со деноминација во вредност 1, а „кум“ на името е академикот Петар Илијевски.
Монетата од 1 денар за првпат е изработена во 1993 година во ковницата сувенир „Самоков“, а автори на ликовното и техничкото решение на монетите се Димче Бошкоски и Снежана Атанасова, вработени во ковачницата.
Физички карактеристики
Анализирајќи ги физичките карактеристики и изглед, фактите кои треба да се потенцираат се дека монетата од 1 денар е со дијаметар од 23,8 милиметри и тежи 5,10 грама, изработена од челично јадро и обложена со бакар и месинг.
На монетата, на предната страна (Ав.) се наоѓа стилизиран хоризонт со сонце од 16 краци, кое го симболизира првото државно знаме на Република Македонија, а во долниот дел е испишана вредноста на монетата – 1 ДЕНАР. На втората страна (Рев.) на монетата е претставена стилизирана верзија на македонскиот шарпланинец, а во ореолна форма (циркуларно) е испишано претходното име на државата, и годината кога денарот за првпат е ставен во оптек. Највпечатливиот дел од монетата се краците во форма на сонце и шарпланинецот.
Според информации, споделени од страна на креаторите на денарот, тие се обиделе да креираат основна парична кованица која ќе ги има највпечатливите содржини карактеристични за државата.
Употреба
Кованицата 1 денар е во оптек од 10 мај 1993 година. Таа, од пуштањето во оптек па сè до сега, Народната Банка на Северна Македонија ја има произведувано во изданија од 1997, 2001 и 2016 година. Кованите пари кои сега најчесто ги користиме се произведени од издание во 2016 година, а колку точно „кованици“ се произведени е информација која претставува банкарска тајна и не се открива јавно.
Вредност
Вредноста од 1 денар е минимална, но таа, истовремено е појдовната точка за тоа колку пари и денари ни се потребни за да купиме нешто. Вредноста на 1 денар значи малку во соодносот со тоа колку добра и услуги таа вредност може да ви приушти. Но, колку денес вреди 1 денар?
Дали со 1 денар можете да го платите утринското кафе, или да си купите појадок? Се разбира дека не – затоа што вредноста на денарот е мала, но сепак значајна за да ви обезбеди нешто сосема друго… Како што кажавме на почетокот – некоја додадена вредност „за само еден денар“.