26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа Германија ѝ требаат стотици илјади работници, најбарани се со средно стручно...

На Германија ѝ требаат стотици илјади работници, најбарани се со средно стручно образование

Речиси 34 милиони луѓе во Германија се во редовен работен однос. Тоа е нов рекорд. Но, во исто време, бројот на слободни работни места продолжува да расте.

Годините со висок наталитет заминуваат „во пензија“, а поради негативниот демографски развој се намалува бројот на нови работници. Се повеќе компании се жалат на недостиг на квалификувана работна сила. За германската економија тоа стана еден од најголемите деловни ризици, пишува Дојче веле.

Последната анкета на јавното мислење, нарачана од фондацијата Бертелсман, покажува колку е сериозна ситуацијата. Од 7.500 анкетирани претприемачи, 66 отсто рекле дека не можат да најдат доволно квалификувани работници. Минатата година 55 отсто од нив се изјасниле дека сметаат на проблеми при пополнувањето на работните места.

Ситуацијата не е иста во сите индустрии, региони, занимања и квалификации. Ако компаниите кои имаат недостиг на работна сила се прашуваат што точно им недостасува, речиси секоја друга наведува лица со завршено средно стручно образование.

Во секоја четврта компанија има недостиг од академици. Со оглед на индустријата, недостигот на квалификувана работна сила особено влијае на грижата за старите и изнемоштените и здравствената заштита.

„Факт е: во Германија исчезнува работната сила“, предупреди во август Детлеф Шеле, претседател на одборот на директори на Федералната агенција за труд, пишува Дојче веле.

„Од грижа преку одржување на климатизацијата до логистика и универзитетско образование. Ќе има недостиг од квалификувана работна сила насекаде“, рече Шеле. Според неговите податоци, Германија има потреба од 400.000 имигранти годишно за да ги задоволи потребите на пазарот на трудот.

Но, во пракса, досега, имиграцијата на странска работна сила одигра мала улога. Само 16 отсто од испитаниците од студијата на Бертелсман изјавиле дека бараат работници во странство. Повеќето од особено привлечните понуди се обидуваат да привлечат домашни работници.

Од 1-ви март 2020-та година, во Германија е на сила закон кој треба да го олесни доаѓањето на квалификувана работна сила од земји кои не се членки на Европската унија. И покрај ова, многу претприемачи не сакаат да бараат работници во странство. Причините се различни. Како главна причина компаниите го наведуваат стравот од потешкотии во комуникацијата и проблемот со оценување на квалификацијата на работниците со сертификат од странство.

Слични се одговорите на оние фирми кои веќе ангажирале странски работници. Ова покажува дека некои стравови не се навистина неоправдани, на пример кога станува збор за комуникација со странци. Од друга страна, бирократските пречки во пракса се очигледно помал проблем отколку што изгледа на прв поглед.

Фондацијата Бертелсман претпоставува дека политичките напори за имигрирање на квалификувана работна сила вродиле со плод. Примерите се, забрзани бирократски процедури, стимулации за учење германски јазик и подобра понуда на информации за признавање на странските квалификации.

„Сè уште постојат пречки за регрутирање странска квалификувана работна сила, и покрај значителниот напредок“, предупредува Матијас Мајер, експерт за миграција во фондацијата Бертелсман.

67 отсто од учесниците во студијата претпоставуваат дека во наредните години ќе имаат помалку квалификувана работна сила отколку што им е потребно.

„Недостигот на квалификувана работна сила е се поголем проблем, а решението не е на повидок. Како општество ни требаат одржливи решенија за да се справиме со демографските промени и социо-еколошката трансформација“, смета Мајер, пишува Дојче веле.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП