Европската централна банка (ЕЦБ) ќе се погрижи дигиталното евро да биде доволно привлечно за потрошувачите и да не биде запоставено на сметка на другите валути. Ова го изјави членот на Управниот совет на ЕЦБ Фабио Панета, цитиран од „Bloomberg“.
Централната банка и Европската комисија работат заедно на „широк сет на политики, правни и структурни прашања“, вклучувајќи ги можните ефекти од давање статус на легално платежно средство за дигиталното евро.
Според Панета, за дигиталното евро да биде успешно, мора да биде широко достапно и евтино за користење и од потрошувачите и од трговците. Тој ги отфрли аргументите дека дигиталните валути на централните банки ќе бидат „излишни“ поради други приватни алтернативи како што се кредитните картички, апликациите и стабилните коини.
„Парите од централната банка даваат репер за сите други форми на пари во економијата“, рече членот на Управниот одбор. „Историјата покажува дека финансиската стабилност и довербата на јавноста во пари бараат широко користени јавни пари заедно со приватни пари“, додаде тој.
ЕЦБ се очекува да биде една од првите централни банки во развиените економии што ќе издава дигитални валути, а некои велат дека тоа може да биде до средината на оваа деценија. Банката моментално го истражува проектот, но сѐ уште нема донесено официјална одлука.
Панета ги повика централните банки да не заостануваат зад процесот на дигитализација, но исто така рече дека евентуалниот успех на дигиталните валути не треба да се зема здраво за готово.
„Потрошувачите можеби го немаат потребниот поттик за целосно да ги ценат општествените придобивки од дигиталните валути и со оглед на ширењето на приватните дигитални пари, може да покажат недоволна побарувачка“, предупреди тој.