Brummell компанијата позади првото сако наменето за мотоциклисти во светот, доби инвестиција од 100.000 евра од X Factor Акцелераторот.
Компанијата е основана од страна на Нино Карас и Нина Левиќ, и има свои претставништва во Скопје и Њу Џерси, Америка.
Визијата на тимот е да направи опрема за мотоциклисти која ќе пружи максимална сигурност и заштита на возачот, а во исто време и елегантен изглед. И тие го направија тоа. Brummell сакото е совршено дизајнирано парче опрема, кое изгледа како сако однадвор, а одвнатре ја има потребната заштита и перформанси на моторџиска јакна. Оваа високо иновативна заштитна опрема го задоволува и деловниот изглед и заштитата, истовремено обезбедувајќи целосна удобност при возењето.
Тргнувајќи од личен проблем, при изработка на сакото во фокусот биле изгледот, заштитата и удобноста при возење.
Brummell сакото е изработено со материјали отпорни на абразија и инкорпорира CE Level 2 штитници за рамена, лакти и грб. На овој начин сакото е отпорно на кинење при лизгање на асфалт и вооедно го штити возачот од фрактури и несакани повреди.
Сакото е дизајнирано за комфорт при возење на мотор и вклучува посебни фалти на рамената за максимална удобност при возењето, систем за вентилација со цел одржување на пријатна температура и околувратник отпорен на ветер кој го штити градниот кош.
А за да го постигне тој елегантен надворешен изглед, Brummell користи врвни материјали што може да се најдат кај модерните сакоа од висока класа, со бои кои вклучуваат црна и карирана варијанта.

Првите нарачки се веќе испорачани во повеќе држави низ целиот свет, а мисијата на тимот на Brummell е да стане првиот светски бренд со елегантна опрема за мотоциклисти. Во таа насока, веќе се размислува и за проширување на миксот производи наменети за овој атрактивен пазарен сегмент.