19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТПентагон: Нуклеарната сила на Кина расте многу побрзо од очекуваното

Пентагон: Нуклеарната сила на Кина расте многу побрзо од очекуваното

Кина ја зголемува својата нуклеарна моќ многу побрзо отколку што предвидуваа американските власти пред само една година, покажува извештајот на Пентагон објавен денеска.

Кина брзо ја зајакнува својата воена моќ со намера да му овозможи на Пекинг да ја достигне или надмине глобалната моќ на САД до средината на векот, се наведува во извештајот.

Бројот на кинески нуклеарни боеви глави би можел да се зголеми на 700 за шест години и да надмине илјада до 2030 година.

Пентагон не наведе колку боеви глави сега има Кина, но пред една година беше констатирано дека тој број е нешто повеќе од 200 и дека до крајот на деценијата може да се удвои.

За споредба, САД имаат 3.750 нуклеарни оружја и не планираат да го зголемат тој број. До 2003 година, вкупниот број на овие оружја во САД беше околу 10.000.

Администрацијата на претседателот Џо Бајден спроведува сеопфатен преглед на својата нуклеарна политика, но не кажува како загриженоста за Кина може да влијае на неа.

Извештајот не навестува отворен конфликт со Кина, но укажува дека се зајакнуваат способностите на Народноослободителната армија на Кина, која е решена да се натпреварува со САД во сите области на војување, во воздух, на копно, во вселената и сајбер просторот.

Во такво опкружување, американските воени претставници рекоа дека се повеќе загрижени за намерите на Кина кон статусот на Тајван, остров кој има самоуправа, но кој Кина го смета за своја територија.

Воената модернизација на Кина се одвива на широк фронт, а особено е забележлив нејзиниот напредок на нуклеарниот фронт.

Кина можеби веќе ја има воспоставено таканаречената нуклеарна тријада, комбинација од копнени, воздушни и морски проектили што САД и Русија ги имаат со децении, се вели во извештајот. Со своите копнени и поморски нуклеарни сили, Кина додаде балистичка ракета лансирана од воздух.

Извештајот на Пентагон се заснова на информации собрани до крајот на декември 2020 година и не ја одразува или споменува претходната изјава на началникот на здружениот генералштаб на американската армија, генерал Марк Мили. Минатиот месец Мили изрази загриженост поради кинеското тестирање на хиперсонично оружје минатото лето, што, според него, било загрижувачко изненадување.

„Сведоци сме на една од најголемите промени во глобалната и геостратешката моќ што светот ја виде“, рече Мили.

Кинескиот претседател Си Џинпинг изјави дека Кина планира да стане глобална воена сила до 2049 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП