25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСАД и ЕУ постигнаа договор за царините за челик и алуминиум

САД и ЕУ постигнаа договор за царините за челик и алуминиум

Соединетите држави и Европската унија постигнаа договор во долготрајниот спор околу специјалните американски царини за увоз на челик и алуминиум, изјавија највисоките американски трговски претставници на самитот на Г20.

Договорот беше објавен од страна на американскиот министер за трговија Џина Раимондо и трговскиот претставник Кетрин Таи во саботата на маргините на самитот на 20 големи економски сили во Рим.

„Ова го реши еден од најголемите спорови во односите меѓу трансатлантските партнери“, изјави Џејк Саливан, советник за национална безбедност на претседателот Џо Бајден.

„Според начелниот договор, ЕУ ќе може да извезува одредени количини метали во САД без царина“, рече Раимондо.

Европската комисија сѐ уште не ја коментираше најавата.

Трговскиот спор беше инициран во 2018-та година од тогашниот американски претседател Доналд Трамп кога воведе специјални царини за увоз на челик и алуминиум.

ЕУ одговори со царини за американските производи како фармерки, виски, мотоцикли и путер од кикирики.

Трамп ги оправда специјалните царини со „национални безбедносни интереси“.

ЕУ не го сметаше ова резонирање за веродостојно и претпоставува дека целта била да се заштити американската економија од несакана конкуренција.

„Одмаздничките царини на ЕУ за американските производи требаше да се зголемат пред крајот на годината“, објасни Раимондо, а тоа сега е избегнато со договорот.

Во исто време, рече таа, ќе се обезбеди дека производите од челик или алуминиум од ЕУ со потекло од Кина не можат да се увезуваат во САД.

САД го обвинуваат Пекинг дека ја субвенционира домашната индустрија и создава нелојална конкуренција со вештачки ниски цени.

Во јуни, ЕУ и САД веќе ги укинаа казнените тарифи за производи како што се авиони, вино и кечап до 2026-та година.

Договорот треба да овозможи мирно решавање на спорот за државната помош за американскиот производител на авиони „Boeing“ и неговиот европски конкурент „Airbus“.

Трамп го ескалира спорот со воведување казнени царини за увоз од ЕУ, при што заедницата тогаш реагираше со посебни давачки за увозот од САД.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП