2 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗаедничка трговска мисија со Американско–грчката стопанска комора најавена на 21-то собрание на...

Заедничка трговска мисија со Американско–грчката стопанска комора најавена на 21-то собрание на Американската стопанска комора во Северна Македонија

Американската стопанска комора во Северна Македонија (АмЧам) денес го одржа своето редовно 21-во Генерално собрание на кое беа презентирани стратешките определби на Комората за периодот 2021-2023 година, како и  активностите кои ја одбележаа оваа година. 

На Собранието присуствуваа 54 од вкупно 130-те членки на Комората. 

Собранието го отвори претседателот на Одборот на директори на АмЧам, г-ѓа Маја Филипчева, осврнувајќи се на активностите на АмЧам за зајакнување на регионалната соработка и зголемувањето на потенцијалните деловни можности со земјите од нашето непосредно опкружување како основа за просперитет и економски раст во рамките на евроатлантското партнерство. 

Г-ѓа Филипчева ја најави првата трговска мисија која АмЧам Северна Македонија и Американско–грчката стопанска комора ја организираат со поддршка на Амбасадите на САД во Скопје и Атина. Трговската мисија ќе се одржи на 22 и 23 ноември во Скопје. 

Целта на трговската мисија е да се претстават можностите за инвестирање во Северна Македонија како и да се организираат директни средби помеѓу компаниите од Грција и Северна Македонија кои дејствуваат во секторите како што се: агротехнологија, логистика, производство, технологија и иновации, енергетика, туризам, градежништво и инфраструктура.  

Нејзината екселенција Кејт Мери Барнс, Амбасадор на САД во Република Северна Македонија, се обрати на Собранието како почесен гостин, при што и честиташе на Комората за нејзината континуирана посветеност кон дигитализацијата, корпоративната општествена одговорност и регионалната соработка, дури и во услови на пандемија. Амбасадорката истакна дека транспарентноста, предвидливоста и креирањето на еднакви услови за работа на сите овозможува приватниот сектор да се развива и да креира нови соодветниработни места за талентираните млади лица од Северна Македонија.

Во рамките на Генералното собрание беа претставени активностите на двата постоечки комитети: комитетот за Дигитална трансформација и комитетот за Законодавство и имплементација, а на иницијатива на членките беше најавено и формирањето на комитетот за ESG (Environmental, Social and Governance). 

Поздравувајќи го ангажманот на членките на АмЧам, претседателката Филипчева  изјави „Заедница не е само местото  во кое живееме и работиме, заедница е тоа што го правиме едни за други. Секој од нас – без оглед на големината, индустријата, расата, полот, потеклото или способноста – може да направи позитивна промена кога е мотивиран и вклучен. Со вашата постојана поддршка и ангажман, помагате АмЧам Северна Македонија да биде силна и независна комора“.

Како и секоја година, во рамките на работниот  дел на Собранието се гласаше за прием на нови членки на Комората, за разгледување на предложените промени во Статутот на комората како и за избор на нови членови на Oдборот на директори. Со акламација, за втор мандат беа избрани: Драган Давитков, директор на PwCСеверна Македонија, Иван Костиќ, директор на Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп и  Јордан Димитровски, директор на Аитоникс.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП