28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНе секој газда е „спремен“ да исплати минималец од 300 евра

Не секој газда е „спремен“ да исплати минималец од 300 евра

Многу од дејностите беа целосно затворнени во текот на  2020-та година, без каков било прилив на средства и ваквата одлука дополнително ќе  ја влоши нивната економска состојба особено на помалите бизниси, сметаат дел од стопанствениците. Велат, минималецот треба да расте, но да ги следи и другите економски параметри.

-Дел од компаниите не можат да исплатат минимална плата од 18.000 денари по вработен, но дополнително голем број од компаниите не ќе можат да исплатат плата поради нивното зголемување и поради зголемениот трошок за социјални придонеси.  Оттука произлегува и економско – социјалната дилема – дали и како да се продолжи. Најпогодени се очекува да бидат самостојните вршители на дејности, микро и малите  фирми и занаетчиите, вели за „Денар“ Миле Бошков, претседател на Конфедерација на работодавачи.

Работодавачите  сметаат дека  подобро е да има реално зголемување на платите во земјава, отколку политичко.

-Ако ги земеме предвид сите услови на стопанисување во овој момент во земјава , тогаш единствено нормално решение е минималната плата секоја година да се усогласува со порастот на цените на инфлацијата, порастот на  БДП и со порастот на просечната плата. Само на тој начин минималната плата ќе ја задржи својата реална вредност, а нема да предизвика негативни реперкусии во домашната економија. Моменталната висина на минималецот е над 50 проценти од просечната плата и ги задоволува критериумите кои се договараат со Европската Унија. Секое политичко покачување надвор од овие критериуми ќе доведе до намалување на бројот на вработување, до таканаречаната „урамниловка“,  a ќе предизвика и  демотивираност кај добрите работници и ќе делува негативно на продуктивноста во фирмите во земјава, вели за „Денар“ Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавачи.

Според Димитров, висината на платата не е единствената причина  за заминување на младите од тука. Вели дека партизацијата на самото општество, на непочитување на законите, неизвесноста, корупцијата се исто така причини поради кои младите одлучуваат да заминат во странство.

Од Сојузот на Синдикати на Македонија, пак, веќе посочија дека  во услови кога синдикалната минимална кошница за август достигна до 34.342 денари постои реална потреба од зголемување на минималната плата. Со тоа двајца вработени во едно семејство кои имаат минимални плати ќе можат да ги покријат основните потреби за живот, а со тоа ќе биде подобрен и нивниот стандард.

Владата најави дека ќе се прави напор, до крајот на оваа година минималната плата да се зголеми за уште 3.000 денари и да биде 18.000 денари. Целта е не само да расте минималецот, туку и останатите плати.

Инаку усогласувањето на минималната плата се прави еднаш во годината, и тоа во март. Во моментов таа изнесува 15.200 денари, додека просечната 28.540 денари.

Според анализите, во регионот висината на минималната плата е речиси идентична со онаа во Албанија, БИХ и Црна Гора. Повисока е во Хрватска, каде надминува 500 евра, а во Словенија достигна и до речиси 700 евра.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП