19 април, 2024
ПочетнаИНТЕРВЈУИнтервју со Марина Савиќ, раководител на одделот за корпоративни комуникации за пазарите...

Интервју со Марина Савиќ, раководител на одделот за корпоративни комуникации за пазарите Србија и Македонија во Атлантик Група

Вистинскиот професионалец не го дефинираат информациите што ги поседува, туку начинот на кој ги користи

Живееме во време кога работите околу нас се менуваат постојано, па затоа мораме секојдневно да се адаптираме на новите услови и барања. Промената особено се почувствува во бизнис сферата, каде во изминатите две години претпријатијата мораа да бидат креативни и брзи во своите решенија со цел да ја одржат добрата комуникацијата со пазарот, потрошувачите и партнерите.

Оваа одговорна задача ја имаше и Марина Савиќ, раководител на одделот за корпоративни комуникации за пазарите Србија и Македонија во Атлантик Група – една од најголемите компании во регионот. Во интервјуто во продолжение, таа ќе ни раскаже како се справува со предизвиците кои ги постави изминатиот период пред неа.

1. Кoj е најголемиот предизвик на луѓето кои работат во сферата на комуникациите во денешните услови?

Во време кога настапи ковид кризата и кога сите бевме затворени во нашите домови, социјалните мрежи „експлодираа“ како најбрзо растечки феномен, не само во начинот на кој луѓето комуницираат и се однесуваат меѓусебно, туку и во интеракцијата со новите алатки кои ги нудат информациските технологии. Во таа смисла, како пресвртница на полето на човековата комуникација, протокот на информации и непосредноста, дојдовме до точка во која сите мора да се прилагодиме на ова средство за комуникација. Овој вид глобална размена на информации и врски отвора безброј можности меѓу самите корисници на Интернет, и ги става компаниите и брендовите во фокусот на безброј разговори, што е голем предизвик за корпоративните комуникации и „управување“ со репутацијата во контекст на старите учења. Амбасадори на корпоративните вредности станаа сите вработени како корисници на социјалните мрежи, и нивниот глас се слуша надалеку. Луѓето и понатаму ги сметаат информациите прочитани на интернет како вистинити и порелевантни од оние што ќе ги прочитаат или слушнат преку традиционалните канали на комуникација. Секако, суштината и останатите канали останаа исти, но начинот на размислување и те како се промени. Сведоци сме на промена на потрошувачките навики, новиот начин на работа на компаниите и вработените кои работат од дома, каде поради социјалната дистанца, останаа се’ помалку директни контакти и каде интерната комуникација преку новите интерактивни канали стануваат основа и онаа клучна алка која нас, без оглед на физичката дистанца, ни дава чувство на поврзаност и колектив во компаниската заедница.

2. Како Атлантик се адаптираше на новото време и што се промени во комуникацијата на компанијата во овие две години?

Атлантик Група постепено, но успешно се прилагодуваше на новостанатата ситуација, а постигнатите резултати ја потврдија отпорноста на кризи на нашата стратегија. И покрај попречувањата предизвикани од пандемијата со COVID-19, работата на Атлантик Група покажа во текот на 2020 година покажа големо ниво на стабилност, а оваа година по првите шест месеци приходите од продажба се на нивото на рекордната (за нас) 2019 година. Така што, стабилната финансиска позиција, оптимизацијата на работните процеси и квалитетното стратешко управување ни овозможија да одржиме континуитет на работа и сигурност на работните места, активно да се вклучиме во помагање на заедницата во борба против коронавирусот и да ја подобриме профитабилноста со минимални негативни последици на консолидираните приходи и рекордно ниската задолженост. Исто така, современите IT решенија која компанијата веќе ги имплементираше во својата работа, ни овозможија да можеме целосно да ја извршуваме работата од нашите домови, без оглед на различната локација на луѓето и бизнисите, што ни помогна и во непречено одвивање на корпоративните комуникации. Вклучувањето и користењето на дигитални алатки во комуникациските стратегии, од Интранет, преку платформата Teams, сè до комуникацијата на LinkedIn и Facebook профилите на компанијата, ни овозможи брз пренос на информации и ни ја покажа потребата за создавање на интерна социјална мрежа, на која работиме во моментов. Секако, и нашите брендови ги препознаа бенефитите од континуираната комуникација со своите потрошувачи и ги вклучија овие моќни алатки во својата комуникациска стратегија, нудејќи им правовремени, корисни и вистинити информации и поттикнувајќи ги на двонасочна комуникација.

3. Знаеме дека координирате повеќе пазари, што сигурно претставува многу одговорна работа. Како се снаоѓате во процесот? Наоѓате ли секогаш енергија за свежи идеи и решенија?

Живееме во свет кој постојано се менува, свет во кој само промената е константна… Меѓутоа, специфично е она што брзината на промената стана неверојатно голема. Паралелно со тоа, живееме во свет во кој информациите се достапни и на дофат на рака, како никогаш досега. Она што денес го  прави еден човек врвен професионалец, и тоа не само во комуникациите, не е содржината која веќе ја има, туку начинот на кој ја процесира достапната информација. Таа потреба за истражување и преиспитување е она што денес ја носи најголемата вредност на бизнисот, бидејќи сметам дека не постои ситуација во која сè е совршено и каде ништо не треба да се менува. Кога е добро, баш тогаш треба да се прифати предизвик и да се иновира. Во услови на глобална конкуренција, немаме опција да бидеме пасивни или лежерни, бидејќи пазарот од нас бара секогаш да бидеме будни. Сакале или не, можете да одговорите само на еден начин, а тоа е – креативност.

4. Постои ли клучна разлика помеѓу поединечните пазари во регионот? Како се тие различни?

За промените на пазарот, а особено за барањата на поединечните пазари во регионот кои се менуваат во согласност со трендовите во индустријата, најдобро сведочат компаниите со богато, долгогодишно искуство, како што е токму Атлантик Група, која од 1991 година премина од мало, дистрибутивно претпријатие во регионален лидер и една од најголемите европски компании во својот домен. Денес, работата на Атлантик Група покрај дистрибуција, опфаќа и производство, со 17 производни погони во 5 различни земји. Тоа бара постојано проучување на пазарот, проактивност, иновативност и преземање ризик со цел опстанок и дополнителен деловен развој. Секако, основните корпоративни вредности и култура се единствени на ниво на целата Група, така што корпоративните комуникации ја градат репутацијата на компаниите на темелите на успешните регионални брендови, кои ја почитуваат разликата на секој поединечен пазар, но на врвно ниво ја промовираат заедничката визија и мисија на Атлантик Група. Исто така, Атлантик Група како дел од пошироката социјална заедница е свесна за важноста и потребата од нејзиното влијание за унапредување на општите социјални услови, промоцијата на вистински вредности и потребата за дел од нејзиниот профит да го вложи во самата заедница. Со самото тоа, одговорното работење е дел од стратешката определба на Атлантик, а со растот и проширувањето на деловниот сектор се проширува и спектарот на одговорности према опкружувањето, како и свеста за можностите и потребите за сопствено влијание кон унапредување на општите услови и социјалната заедница во која делува компанијата. Баш поради тоа, Атлантик Група настојува системски да ги прилагоди целите за стратешки развој во согласност со барањата и потребите на локалните пазари на ниво на сите членки на Групата, па така и во Македонија – од одговорноста према вработените, деловните партнери, финансиската заедница, животната средина, до одговорноста према јавниот сектор и пошироката општествена заедница.

5. Ако можете да им дадете само еден совет на вашите колеги кои работат во сферата на комуникациите, кој би било тоа?

Воопшто не е лесно да се даде совет на младата генерација, која сигурно и самата знае кон што тежнее. Иако, верувам дека е непобитен факт дека компаниите денес, повеќе од било кога, се наоѓаат во остра конкурентска борба условена од непрекинати и постојани промени. Евидентно е дека важна улога во неа играат токму новите генерации. Што е тоа што младите луѓе ги прави непобедливи адут за компаниите во условите на денешното деловно работење, и дали токму тие претставуваат еден од клучните фактори за успех? Одговорот е без сомнение – да, со одговорност да бидат искрени, проактивни, иновативни и подготвени постојано да работат на себе, бидејќи ако нешто се менува со брзина на светлината, тоа се каналите на комуникација. Сепак, очигледна е и промената на „филозофијата“ на комуницирање, која сега бара брзина на реакција, создавање, испраќање и размена на квалитетна и значајна содржина, како и транспарентност и поврзување преку интеракција со заедницата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП