7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрчката Влада се подготвува за следната проценка на тројката

Грчката Влада се подготвува за следната проценка на тројката

1031greece

Грчкиот премиер Андонис Самарас денеска ќе одржи состанок со сите клучни министри и генерални секретари кои се директно поврзани со програмата за спас на Грција, односно финансиската помош од меѓународните кредитори.
Претставниците на тројката меѓународни кредитори (ЕУ,ММФ и ЕЦБ) на 21 септември повторно ќе ја посетат Грција за да направат нова проценка на имплементацијата на реформите кои земјата ги презеде како обврска во замена за финанскиска помош.

Владини извори изјавија дека Самарас побарал сите отворени прашања, особено оние кои се однесуваат на реформите во јавниот сектор, да се завршат до крајот на месецов.

Со денешниот состанок, кој е само прв од серијата средби на грчкиот премиер со министрите од коалициската влада, Самарас сака да покаже и дека Владата се враќа на интензивна работа по кусиот одмор и оти нема место за одложувања во однос на обврските кои треба да се исполнат кон меѓународните кредитори.

Според владини извори, Самарас ќе се фокусира на три клучни области: исполнување, колку што е можно повеќе, на обврските кон тројката меѓународни кредитори, подобрување на меѓународниот имиџ на земјата и спречување на внатрешното разидување во кревката Влада, особено во пресрет на изборите закажани за 22 септември во Германија, која има најголем удел во спасувачките пакети за Грција, во замена за тешките мерки за фискално прилагодување.

Провладиниот весник „Катимерини“ минатата седмица коментираше дека грчкиот премиер веројатно ќе бара и рамнотежа меѓу продолжување со тешките реформи и приговорите од коалициските пратеници за плановите за нови болни мерки, како што се иницијативата за одземање имот на неплаќачите на данок, што предизвика остри негодувања од страна на многу истакнати пратеници од неговата конзервативна Нова демократија.

Сепак, моментално најголема загриженост предизвикуваат реформите во здравството и образованието, како и реконструкцијата на пошироката државна служба. Владата на Самарас мора да биде во позиција следниот месец да и покаже на тројката дека напредува трансферот на илјадници државни службеници во шемата за мобилност, каде што вработените добиваат намалена плата осум месеци пред да бидат преместени на друго работно место или отпуштени.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП