За зачувување на макроекономската и финансиската стабилност од суштинско значење се независноста и професионалноста на централната банка. На средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и амбасадорката на Соединетите Американски Држави во земјава, Кејт Мари Брнз, се зборуваше за придонесот на монетарните власти во одговорот на кризата предизвикана од ковид-19. Беше посочено дека мерките преземени од Народната банка суштински придонесоа за раздвижување на економската активност, како и за зачувување на финансиската стабилност за време на криза.
Гувернерката извести дека во тек е нов циклус макроекономски проекции за кои централната банка ќе информира на почетокот на ноември. Притоа, посочи дека досегашните остварувања кај бруто домашниот производ главно се во согласност со проекциите на Народната банка. Девизните резерви се малку подобри од очекуваните, исто како и кредитната поддршка.

