29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦените на големо во Германија со најсилен раст во последните 47 години

Цените на големо во Германија со најсилен раст во последните 47 години

Цените од продажбата на големо во Германија се зголемија со најбрзо темпо во септември во последните 47 години.

Тие се за 13,2 проценти повисоки од претходната година, објави во вторникот Федералниот завод за статистика. Последен пат имаше посилен раст во јуни 1974-та година, кога цените се зголемија за 13,3% по првата нафтена криза.

Така, порастот на цените повторно значително се забрзува: во август стапката на инфлација во трговијата на големо изнесуваше 12,3%, а во јули 11,3%. Овој параметар е показател за идните трендови на инфлација, бидејќи големопродажбата е посредник помеѓу производителите и крајните потрошувачи. Со ниво од 4,1%, инфлацијата во моментов е на највисоко ниво од 1993-та година и, според експертите, треба да продолжи да се движи кон пет проценти до крајот на годината.

„Високиот раст на цените на големо во споредба со септември 2020-та година се должи, од една страна, на сегашното нагло зголемување на цените на многу суровини и средни производи“, објаснуваат статистичарите. „Од друга страна, постои еднократен ефект поради многу ниското ниво на цените во претходните месеци во врска со кризата со коронавирусот“, додаваат тие.

Според податоците, силен ценовен мотор се трендовите во цените на рудите, металите и средните метали: тие се зголемија за 62,8%. Нафтените производи чинат 42,3% повеќе од пред една година. Исто така, постои особено силно зголемување на цените на големо на отпадоци и остатоци од материјали (+ 84,6%), како и на сурова и пилена граѓа (+ 54,6%). Житото, суровиот тутун, семињата и сточната храна, исто така, значително пораснаа (+ 23,9%).

Поради брзото закрепнување на светската економија од рецесија, цените на многу производи во моментов рапидно растат. Најголемите светски економии, особено САД и Кина, се очекува да остварат силен раст во оваа година, особено откако таму беа започнати големи економски стимулативни програми.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП