29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТСевернокорејскиот лидер се заканува - ќе направиме непобедлива армија!

Севернокорејскиот лидер се заканува – ќе направиме непобедлива армија!

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун рече дека ќе создаде „непобедлива армија“ како одговор на непријателската политика на Соединетите држави, објавија државните медиуми во Пјонгјанг.

Ким додаде дека Северна Кореја развива оружје за самоодбрана, а не за започнување војна.

Најмоќниот човек во Северна Кореја им се обрати на медиумите за време на манифестацијата на која беа изложени голем број проектили.

Северна Кореја неодамна тестираше хиперсонични и противвоздушни ракети.

Во исто време, Јужна Кореја тестираше сопствени проектили лансирани од подморница.

Ким, обиколувајќи го изложеното оружје, исто така рече дека Северна Кореја не сака да војува со својот јужен сосед.

„Не размислуваме за војна, туку како да ја спречиме и да го заштитиме националниот суверенитет“, посочи тој.

Ким ја обвини Америка за разгорување на тензиите меѓу Северна и Јужна Кореја.

Тој додаде дека нема причина да верува дека Америка не е непријателска кон Северна Кореја.

Американскиот претседател Џо Бајден во неколку наврати изјави дека е подготвен за разговори со Северна Кореја, но побара од Пјонгјанг да се откаже од својата нуклеарна програма со цел да разговара за укинување на санкциите.

Ким го одби предлогот.

Поради санкциите на Обединетите нации, на Северна Кореја и е забрането тестирање балистички ракети и нуклеарно оружје.

Сепак, Пјонгјанг постојано ја прекршува забраната, што доведе до уште построги санкции против Северна Кореја.

Минатиот месец, Агенцијата за атомска енергија на ОН соопшти дека се чини дека Пјонгјанг го рестартирал реакторот способен за производство на плутониум за нуклеарно оружје.

Со години, севернокорејските власти инсистираат на тоа дека развојот на одбранбеното оружје е еден од главните приоритети на државата.

Но, познавачите на ситуацијата тврдат дека покажувањето воена моќ е начин Ким да се обиде да ја обедини нацијата во земја која се соочува со голема економска криза.

Властите во Северна Кореја ги затворија границите поради страв од ширење на вирусот корона.

Недостигот од храна и гориво е голем, бидејќи границата со Кина, главниот економски сојузник на Северна Кореја, е затворена.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП